Одложен процесот „Жан Моне“: Никој не ги пакува куферите за Париз


Почетокот на иницијативата „Жан Моне“ се одложува. Такво известување од Европскиот парламент стигнало во македонското Собрание, како што информираат оттаму.
Првичниот план, координаторите на пратеничките групи и претседателот на парламентот Талат Џафери да се соберат во Париз во последната седмица од јануари, според информациите, пропаднал поради тоа што една партија ги информирала европските пратеници дека засега не е во можност да испрати свој претставник да учествува во политичкиот дијалог што требаше да се води во куќата на Жан Моне – еден од основачите на Европската Унија.
Нема потврда дали присуството го откажала ВМРО-ДПМНЕ, чија пратеничка група околу два месеци го бојкотира парламентот, а неодамна беше сменет и нејзиниот координатор, така што по повлекувањето на Илија Димовски за привремен координатор е назначен Владимир Ѓорчев. Од опозициската партија велат дека не ни добиле покана за овој настан и дека не знаат дали воопшто бил закажан, иако првично се најавуваше дека дијалогот треба да се реализира околу 25 јануари.
Според информациите, не е одреден нов термин за почеток на процесот „Жан Моне“, иако има најави дека тоа би можело да се случи најрано во март.
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл, при последната посета на Скопје – во ноември минатата година – најави дека во последната недела на јануари претставници на политичките партии од Македонија, европратеници, експерти од ЕУ, заедно со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претставници на францускиот парламент и на француската влада, во Париз ќе го почнат процесот на меѓусебен дијалог за важни прашања, насловен како „Жан Моне“. Тој тогаш рече дека ова не е продолжување на преговорите од Пржино ниту, пак, ќе влијае на препораките од Рајнхарт Прибе, туку дека новата иницијатива е можност за отворена дебата меѓу парламентарците, но без присутност на јавноста и медиумите. Првата средба требаше симболично да се одржи во куќата на Жан Моне за потоа дијалогот да продолжи во Македонија или во други земји на ЕУ. Пратениците, како што беше предвидено, требаше да разговараат за процедурите во Собранието и за етичкиот кодекс, како и за владеењето на правото.
Кон крајот на минатата година пропадна и иницијативата за разговори во Берлин меѓу претставници на најголемите партии во земјава, откако своето учество го откажале тројцата поканети функционери на ВМРО-ДПМНЕ (се спомнуваа Александар Николоски, Антонио Милошоски и Никола Попоски) поради приведувањата и притворањата за настаните на 27 април. Оттогаш датира и отсуството на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот.
Столчињата во левата редица во собраниската сала остануваат празни и по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, иако во меѓувреме во собраниска процедура влегоа и дел од реформските закони за кои Владата очекува поддршка од опозицијата. Така, наместо сега да ги пакуваат куферите за Париз, координаторите од парламентарното мнозинство се мачат на секоја нова седница да го обезбедат потребниот кворум за гласање, додека дел од проектите за кои е потребно двотретинско мнозинство се ставени „на чекање“ – додека опозицијата не реши да се врати во законодавниот дом. Во тој контекст, одложено е на неодредено време и комплетирањето на Државната изборна комисија по оставките што пред еден и пол месец ги поднесоа осуммина од вкупно девет члена, а поради скандалот со високите бонуси за неодамнешните избори.
За избор на нови членови на ДИК е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Кон крајот на минатата година премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, најави дијалог со опозицијата за затворање на прашањето со ДИК. На прашање како ќе ја вклучи опозицијата во овој процес, со оглед на тоа што таа не учествува во работата на парламентот, а има свои членови во ДИК, премиерот истакна дека ќе биде отворена дебата и оти преку дијалог може да се најдат решенија.

Александра М. Митевска