Одложено рочиштето за случајот „Тендери“, овој пат поради презафатеност на адвокатите


Предметот „Тендери“ на СЈО се одлага за 17 октомври поради барање на адвокатите на одбраната кои се ангажирани на судење во притворскиот предмет на ОЈО за настаните од 27 април во собранието на РМ.

Во предметот „Тендери“ првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“. Судењето денеска требаше да продолжи со сослушување нови сведоци.

Претходното рочиште за „Тендери“, што требаше да се одржи на 25 септември, исто така, се одложи поради отсуство на бранителите на обвинетите. Судијата Осман Шабани ги извести обвинителите дека судот добил поднесоци од адвокатите Еленко Миланов и Сашо Дуковски дека двајцата се спречени да присуствуваат на судењето бидејќи се единствени бранители на неколку обвинети во случајот познат како „Настаните од 27 април во Собранието на РМ“, што е притворски предмет. Шабани ги опомена бранителите дека доколку во иднина побараат одлагање ќе бидат санкционирани и им порача да си овластат заменици.

Според Кривичниот законик, доколку еден предмет што е почнат со судење и од едно до друго рочиште поминат 90 дена, треба да се започне одново, односно со презентација на материјални докази. Последното рочиште се одржа на 20 јуни, а следното што беше закажано за 13 јули се одложи поради болест на судијата Шабани. На 20 септември оваа година истече законскиот рок од 90 дена. Денеска Шабани треба да одлучи како ќе се продолжи со предметот.

Според обвиниението дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.