Објавена е листата за новите антикорупционери


Доцна вечерва објавена е конечната листа со освоените бодови на кандидатите за претседател и членови на новата антикорупциска комисија.

Според бодувањето, најмногу поени има Владимир Георгиев – 100, кој е вработен во Комисијата, Софка Пејовска Дојчиновска има 98 поени и исто така е од ДКСК, ревизорката Катица Николовска е на трето место со 94,67 поени,  Нури Бајрами со 93,57 е на четврто место, а е вработен во општина Гостивар, ревизорката Билјана Ивановска е на петто место со 92,14 поени, новинарот Горан Трпеноски е на шесто со освоени 89,29 бода,  и Шемши Салаи од општина Врапчиште е на седмо место со 89 поени.

На ранг листата се објавени бодовите за 56 кандидати кои беа интервјуирани во изминатите денови од Комисијата за селекција, од вкупно пријавените 57 на огласот. Секој кандидат можеше да добие максимум 100 поени.

По бодувањето на кандидатите, утре треба седница да одржи собраниската Комисија за избори и именување, на која, според рангирањето треба да се изберат шесте членови и претседател на Антикорупциската комисија. Потоа одлуката треба да се гласа на пленарна седница во Собранието, која исто така ќе се одржи утре.