Крај на фарсата: Никој не е виновен за бегството на Груевски


Основното јавно обвинителство утврди дека ниту едно службено лице не помагало, ниту учествувало во организацијата и реализацијата на бегството на Никола Груевски. Досега прибавените докази упатувале на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, но тие не претставувале кривично-правно дејствие и не биле во надлежност на Јавното обвинителство.

Обвинителството соопшти дека ги побарале снимките од видео-надзорот од камерите на „Сафе сити“ системот во Скопје, од повеќе хотели и други објекти, од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Албанија.

Притоа, од три хотели во Скопје, добивме одговор дека не се во можност да го екстрахираат снимениот видеоматеријал, по што надлежниот јавен обвинител издаде наредба за одземање на приемниците за снимање и нивно вештачење.

Целокупниот прибран видеоматеријал со големина од околу 10 терабајти е доставен за анализа до Министерството за внатрешни работи. По таа наредба сѐ уште се постапува“, рекоа од ОЈО.

Од Интерпол, преку МВР доставена е информација со која се укажува дека не постојат податоци за излез на Груевски на ниту еден граничен премин од Македонија во критичниот период. Преку меѓународна правна помош, Обвинителството на 19 ноември доставило барање до надлежните институции во Албанија и во Црна Гора за обезбедување на снимките од видеонадзорот на граничните премини, како и од камерите со кои се покрива околината на амбасадата на Унгарија во Тирана. Црногорските власти по два дена ни ги дале материјалите.

Надлежните органи од Албанија, по две ургенции, на 9 јануари нѐ известија дека побараниот видеоматеријал е обемен и дека не поседуваат опрема за негов пренос. Наши екипи со хард дискови се упатија во Албанија за да го преземат бараниот материјал, но притоа беа усно известени дека материјалот не е сочуван, односно дека времетраењето на чувањето на снимениот материјал се разликува на различните гранични премини и изнесува околу еден месец од последниот баран датум“, објаснуваат од Обвинителството.

Во предметот биле издадени 16 наредби за листинзи од вкупно 60 телефонски броеви, сослушани биле 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица. Обвинителството од сите институции добило одговор оти никој не знаел дека Груевски се подготвува за бегство. Потврдено е дека во септември, поранешниот премиер на ист датум од три банки во Скопје повлекол 120.000 евра од своите сметки. Банките за тоа ги информирале Управата за финансиско разузнавање и Специјалното јавно обвинителство. Нејасно е зошто тоа не било симптоматично за институциите.

До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во наша надлежност“, заклучи Обвинителството.

Иако истрагата продолжува, се потврдија очекувањата дека никој нема да одговара што Груевски, кого во затворот во Шуто Оризари го чекаа на издржување на двегодишната затворска казна поради набавка на луксузниот „мерцедес“, успеа да побегне. По само неколку дена, тој доби азил во Будимпешта и од таму испраќа пораки до македонската јавност дека морал да побегне поради политичкиот прогон врз него и информациите оти му се подготвувала ликвидација во затворот.