Обвинителството бара притвор за министрите и замениците


Основното јавно обвинителство побара притвор за четворица поранешни министри и заменици за земјоделие, кои утрово беа приведени во истрага поврзана со злоупотреби на земјоделска помош и издавање на државно земјоделско земјиште. Во акцијата на одделоот за организиран криминал на МВР се приведени поранешните министри Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев.Тројцата се однесени во суд на распит, а четвриот осомничен е актуелниот пратеник Љупчо Димовски, кој полицијата се уште го бара.

Според ОЈО, тие се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување.

„Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)“, соопшти ОЈО.