Обвинетите за 27 април прозбореа : Упадот во Собранието го организирала УБК


Во едно сведочење, кое може да го промени целиот тек на судењето за настаните од 27 април, браќата Стефан Младеновски и Михаил Младеновски вчера изнесоа шокантни детали дека упадот бил организиран од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Браќата го вперија кон нивниот поранешен пријател Александар Николовски-Нинџа и тогашното раководство на УБК. По една година помината во притвор, тие сега преку сведочењето тврдат дека биле изманипулирани и искористени од тогашните функционери на УБК. На браќата Младеновски им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Браќата денес тврдат дека 27 април 2017 година е најцрниот ден во нивните животи. Михаил Младеновски откри дека постоела нелегална, паралелна Петта управа, со која раководел тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Нинџа, според сведочењето, иако не бил вработен во УБК, сепак дејствувал како тамошен вработен, а располагал и со ресурси од управата, односно имал два блиндирани автомобили.

„Нинџа имаше џип со петти степен на блиндираност и автомобил со седми степен на блиндираност, и двата од УБК. Исто така, поседуваше и значка од УБК, но и радиостаница која го покриваше реонот на СВР-Скопје. Таа беше нагодена да се слушаат разговорите, но не и да се враќа. Тие имаа пиштоли кои им ги дала УБК“, зборуваше Михаил Младеновски на вчерашното рочиште за 27 април.

Упадот во Собрание почнале да го подготвуваат овие луѓе два месеци пред 27 април.

Во своето сведочење Стефан Младеновски хронолошки ги раскажа своите релации со Нинџа и како бил подготвуван упадот. Тој почна од септември 2016 година, кога за директор на УБК го избрале токму Атанасовски. Нинџа му се доверил на Стефан дека новиот директор на УБК е негов близок пријател и дека ќе може да прави што сака. Вечерта на изборите бил пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со брат му Михаил и со Нинџа, и таму се запознал со поранешниот разузнавач Никола Бошкоски (кој заедно со поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, сега е во бегство во Грција) и со директорот Атанасовски. Атмосферата била разочарувачка бидејќи ВМРО-ДПМНЕ имаше пирова победа, а насилство се подготвувало и во зградата на Државната изборна комисија која одлучувала за приговорите по гласањето. Се планирало да се упадне во зградата на ДИК и да фрлаат „молотови коктели“. Но расправата се одложила и насилниот упад не се случил.

Кога партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ дознале дека ДУИ немало да прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, во партискиот штаб, каде што биле присутни и поранешниот разузнавач Бошкоски, кој е познат по прекарот Прскач, Дејан Димовски-Боксерот и Љубо Петровиќ (сите вработени во УБК), се зборувало дека претседателот Ѓорге Иванов нема шанса да му го додели мандатот на Зоран Заев и ако пробаат да направат нешто на сила ќе има војна. Младеновски раскажуваше дека кога била објавена тиранската платформа тој учествувал на петнаесетина протести заедно со Нинџа и неговите обезбедувачи. Протестите имале логистичка поддршка од сите месни и општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Уште кога почнале протестите се знаело дека кога СДСМ ќе се обиде да избере претседател на Собрание и дека ќе треба да се влезе во законодавниот дом.

Главните луѓе во тогашната УБК уште во февруари 2017 година, на средба на која биле присутни Владимир Атанасовски, Никола Митровски-Кољо, Нинџа и неговиот брат Благоја, кој му беше обезбедувач на поранешниот премиер Никола Груевски, зборувале и се подготвувале за упадот. „Ни кажаа дека државата ни е загрозена и дека мора да ја одбраниме. Ни кажаа дека тие ќе стојат зад нас и сите насоки ќе ги добиваме од Нинџа“, рече Младеновски.

На триесеттиот ден од протестот Нинџа добил задолженија да ги контактира патриотските здруженија. „Тој секогаш за нив велеше дека се кретени и дека треба да се искористат“, сведочеше Младеновски. Нинџа ги известил дека дошол денот да се влезе во Собрание, се собрале во ресторанот „Дион“ купиле качулки и на знак на Никола Митровски – Кољо влегле внатре.

По упадот во Собранието, кај паркот „Жена борец“, пристигнал Никола Бошкоски со службено возило на УБК во кое имало оружје.

„Ми покажа дека има оружје и ми рече дека треба да се подели на луѓе кои имаат искуство со оружје, претежно на поранешни припадници на ‘лавовите’. Потребата се гледаше од информацијата дека се упатиле вооружени Албанци. Сепак, оружјето не се подели бидејќи стигна информација од Синиша Алексовски, советник на претседателот Ѓорге Иванов, дека претседателот ќе прогласи воена состојба и дека веќе се распоредени војници“, сведочеше Михаил Младеновски.

Во своето сведочење тој откри и дека непосредно по изборите во 2016 година автомобилите на Петре Шилегов и Љубомир Фрчкоски требало да бидат „дигнати во воздух“. Ова било идеја на високи функционери во УБК, кои имале акција за сузбивање на „државните непријатели“.

Тој истакна и дека Никола Бошкоски му дал задача на Нинџа да ги следи обвинителите од СЈО и Кире Наумов, а се смислувале и други планови за справување со „државните непријатели“, според оцена на тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Според него, Нинџа и Атанасовски немале добро мислење за директорот на БЈБ, Митко Чавков.

„Овие работи одеа преку УБК, па затоа имаше судир на тие две струи“, рече Младеновски.

Нинџа преку своите прашања сакаше да порача дека тој само пренесувал пораки и рече дека вистината е сосема трета.

По најавата на премиерот Зоран Заев за делумна амнестија на оние што влегоа во Собранието, голем дел од оние на кои им се суди се чувствуваат злоупотребени и изманипулирани од партијата и политичарите и сега порачуваат дека се свесни дека биле искористени за политичарите да си ги зачуваат своите фотелји.

Обвинетиот Горанче Ангелов-Ќосето му се заблагодари на Стефан затоа што ја кажал вистината.

„Ви благодарам за големата храброст да ја кажете вистината. Можеби малку задоцнета, оти 11 месеци сме во притвор, но сепак е голема храброст“, рече обвинетиот Ангелов.

Оние што очекуваат амнестија, пратениците и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, се откажаа од своја одбрана и нема да сведочат пред судот.

Фросина Факова-Серафиновиќ