Обвинетите во „Монструм“ излегуваат на слобода


Наместо досегашната казна затвор, Врховниот суд на обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Сами Љута и Хаки Азири во случајот „Монструм“ им определи нови мерки за претпазливост. Одлуката беше соопштена предмалку на интернет страната на Судот.

„Врховниот суд на Република Македонија донесе решение по предметот познат како „Монструм“, со кое на обвинетите А.И., Ф.А., Х.А. и С.Љ. им се определени други мерки за претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, како и редовно јавување пред Основниот суд Скопје I Скопје два пати неделно, а обвинетите веднаш се пуштаат на слобода“, пишува во соопштението.

Шест лица беа осудени во „Монструм“ на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам. На 24 ноември Врховниот суд на Република Македонија ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

На 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро беа убиени четири момчиња и еден рибар.