НАТО не решавал кој ќе дојде на самитот


Заменик генералниот секретар на НАТО, Роуз Елен Готмулер, очекува утре сите лидери на земјите членки на НАТО да се согласат за поканата за членство за Македонија и многу бргу да почнат пристапните преговори со нашата земја. Во интервју за „Независен весник“ Готмулер порача дека во НАТО веќе ги подготвиле материјалите за преговорите и дека ако се следи примерот на Црна Гора, за четири месеци ќе биде комплетиран пристапниот протокол кој ќе треба да го ратификуваат сите земји членки.

„Го гледаме ова како многу важен историски момент за вашата земја, но и за НАТО“, рече Готмулер додавајќи дека откако сите процедури бидат комплетирани вклучувајќи го и договорот со Атина во НАТО ќе влеземе како Северна Македонија, откако претходно ни се обраќаше со Скопје, БЈРМ и бивша југословенска Република Македонија.

Околу прашањето дали немањето покана за шефот на државата Ѓорѓе Иванов е некаква порака до него со оглед на тоа дека на самитот во Букурешт беше поканет целиот државен врв, заменик генералната секретарка одговори дипломатски дека нашата Влада е таа која одлучува кој да дојде на самитот и дека во различни земји членки има различни практики кој ги преставува во НАТО.

Околу тоа која е пораката на НАТО за оние што се противат на договорот за името и на референдумот, Готмулер одговори во позитивен тон – практично избегнувајќи ја можноста референдумот да не успее. Според неа членството во НАТО значи можност да се зајакне стабилноста и безбедноста на Македонија и да и се осигура подобра економска перспектива и иднина. Затоа таа им препорача да се фокусираат на големата слика .

Дали негативен референдум би значел повлекување на условената покана што Македонија ја имаше во НАТО десет години наназад? За Готмулер Македонија треба да направи напори да ја помине целата процедура  а НАТО не е тој што во моментов треба да коментира.

„Ние нема да коментираме но ќе ве охрабриме. Сакам да нагласам дека БЈРМ е на прагот  да направи голем чекор кон безбедноста и стабилноста.. Затоа сакаме да се осигураме дека сите граѓани ќе го видат ова така, како голема можност што не смее да биде пропуштена“, изјави таа, додавајќи дека лично се надева на позитивен исход и верува дека нашите власти ќе работат напорно да ја уверат јавноста во придобивките од приемот. На крајот таа порача дека едвај чека да дојде во Скопје и дека генералниот секретар Јенс Столтенберг е многу посветен на нашата земја во која престојувал уште како млад.

Слободанка Јовановска

Известувач за „Независен весник“ од НАТО