Нужна е потребата од персонални и образовни асистенти во училиштата


Повеќе од нужна е потребата во училиштата да се вработат образовни и персонални асистенти, стручни лица кои ќе можат секојдневно да работат со децата што имаат телесен инвалидитет или интелектуална попреченост. Во дел од основите и од средните училишта има, ама тие не можат да ги опслужат сите дечиња што имаат попреченост.

Синот на Горан Стојчески има девет и пол години, во јуни детето заврши трето одделение. Како родител укажува дека на неговото дете му е потребен персонален асистент, додека е на настава и кога се движи во училиштето, бидејќи има телесен инвалидитет. Иако поднел барање до училиштето да ангажираат персонален асистент за учебната година што измина, тоа не се реализирало. Стојчески објаснува дека за сето тоа било виновно училиштето, зашто не го доставило навреме барањето до скопската Општина Кисела Вода.

„Конкурсот беше распишан за тоа време, сите барања што стигнале навреме добија позитивен одговор. За децата со попреченост беше обезбеден асистент. Очекувам од септември моето дете да добие личен асистент. Мора да се определуваат асистентите во соработка со родителите на децата, од два аспекта: заради потребите на детето и заради големината на децата“, вели Стојчески.

Таткото раскажува дека и додека го потпишувал барањето од училиштето му било сугерирано да напише дека неговото дете има потреба од образовен асистент.

„На син ми му треба личен асистент бидејќи кадар од таков профил одговара за неговите потреби, му треба придружба при движењето низ училиштето“, објаснува Стојчески.

Горан е задоволен што во подрачно основно училиште „Рајко Жинзифов“ во населбата Пинтија има адаптиран тоалет кој можат да го користат деца со инвалидитет. На малиот Александар да се движи низ училиштето му помагал неговиот брат, а кога имал потреба да оди по нужда вработени од училиштето му се јавувале на таткото, да му помогне, да го однесе во тоалет.

Неодамна од Национална алијанса за инклузивно општество „5 до 12“ забележаа дека решавањето на проблемите оди бавно. Оттаму посочија дека не е соодветно асистентите од УНДП да работат со децата бидејќи не се стручни. Тие побараа и инклузијата да биде ставена како приоритет во реформите во образованието, а неопходно е и вработување на дефектолози.

Предлог-законите за основно и средно се изготвени, ама уште не се усвоени, не се влезени ни во собраниска процедура.

Поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска уште пред три месеци, кога ги образложуваше измените на Законот за основно образование, посочи дека во него се опфатени и учениците со посебни образовни потреби каде што стои дека за нив се обезбедуваат соодветни услови за стекнување основно воспитание и образование во редовните и ресурсните основни училишта за ученици со посебни образовни потреби и дека имаат право на индивидуална помош (поддршка) за стекнување на основното образование и воспитание.

„Заради дополнителна и стручна помош во воспитувањето и образованието на децата со посебни образовни потреби, се предвидува формирање мобилни служби составени од стручни лица (психолог, специјален едукатор – дефектолог, логопед, социјален работник, педагог), а исто така се предвидува училиштето да обезбеди личен асистент на ученикот со посебни образовни потреби“, изјави Дескоска.

Вероника Мароска-Леова