Ново мнозинство или големо проветрување на „Илинденска“


Сериозни кадровски промени по претседателските избори, односно на двегодишнината од преземањето на власта планира СДСМ, според неофицијални информации од партијата. На таа тема веќе се разговарало во најтесното партиско раководство, при што било проценето дека е неопходна потемелна реконструкција во извршната власт, односно не само во владиниот кабинет туку и во третиот ешалон.
Кадровските промени, како што се проценува, ќе бидат можност и за стабилизирање на владата, особено по серијата несогласувања меѓу коалициските партнери – СДСМ и ДУИ, чии функционери деновиве водат „војна“ во парламентот и во Владата, додека партиските лидери и секретари се во преговори за заеднички настап на претседателските избори. Но, кога се чинеше дека договорот за консензуален кандидат е на дофат, изби курцшлусот околу имунитетот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски, а вчера излезе информацијата дека, поради опструкции од ДУИ, пропаднал обидот на владина седница да биде ставен предлог-законот за Јавното обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО.
Но прашање е дали и како коалицијата ќе успее да опстане додека завршат изборите, односно до првата половина на мај. Висок функционер на СДСМ вели дека после сè големи се шансите за „разделба“ со ДУИ, ама нема конкретен одговор кои би биле излезните опции во таков случај.
И вчера, како и во понеделникот, во Собранието беа откажани сите активности откако пратеничката група на СДСМ реши да го бојкотира спикерот Талат Џафери, кој ја прекина седницата за одземање на имунитетот на Вељаноски. Откажана е и дури и дебатата во рамки на процесот „Жан Моне“, чиј покровител е Европскиот парламент, а која требаше да се одржи в четврток и в петок. Објаснувањето е дека сесијата е одложена поради неможноста да се постигне меѓупартиски компромис. Сепак, останува најавата за денешната седница за пратенички прашања.
Во меѓувреме, пратениците на СДСМ и на ДУИ продолжуваат да си ја префрлаат топката за тоа кој е виновен за случајот со Вељаноски, додека во политички кругови лебди дилемата дали неодземањето на имунитетот е резултат само на договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Или во договарањата бил вклучен и СДСМ, со тоа што работата излегла од контрола со закажувањето на пленарната седница, наместо „сценариото“ да застане на комисиската седница која заврши „нерешено“?
Иако премиерот Зоран Заев изјави дека нема длабоки несогласувања меѓу двете водечки партии во Владата, а дека помалите недоразбирања ќе се решаваат за да не се загрозат глобалните процеси, пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, од друга страна, ја нафрли и идејата за ново парламентарно мнозинство без ДУИ. Гостувајќи на ТВ 21, Зекири, во жестока расправа со координаторот на интегративците Ејуп Алими, забележа дека може да има влада и без ДУИ, на што доби одговор дека влада составува тој што има 61 пратеник.
На прашање дали по случувањата околу одземањето на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, СДСМ ќе остане во коалиција со ДУИ, Зеќири рече дека очекува деновиве да се одржи партиски состанок на кој би се разговарало и на оваа тема.
„Бројките ја прават владата. Секако, доколку ги имаме бројките за формирање влада и без ДУИ, и тоа е опција, зошто да не“, изјави Зекири.
Со оглед на новиот распоред на сили во парламентот, по преминувањето на неколку пратеници од таборот на ВМРО-ДПМНЕ кај СДСМ и по формирањето на независната пратеничка група, теоретски е изводливо да се направи ново мнозинство без ДУИ. Тоа би можело да стигне и до 70 гласа, наспроти моменталните 68, доколку, покрај ДПА и скопска Беса, кон мнозинството се приклучат и Алијансата за Албанците и Беса на Билал Касами. Сепак, најавите се дека ќе се оди на „релаксирање“ на односите меѓу сегашните партнери не само поради тоа што предизборието го стеснува просторот за маневри, туку и затоа што во секоја друга варијанта би било речиси невозможно да се постигне двотретинско мнозинство, какво што е потребно за дел од клучните реформски закони. Освен тоа, СДСМ и ДУИ, како партнери, заедно ги истуркаа најтешките процеси, вклучително и Преспанскиот договор, така што одлуката да не се оди на предвремени парламентарни избори беше донесена во име на реформите што треба да се спроведат пред јунскиот самит на ЕУ, каде што Македонија очекува почеток на преговорите за полноправно членство. Поточно, наспроти категоричниот став на ДУИ против вонредни парламентарни избори заедно со претседателските, во СДСМ владееше поделеност по тоа прашање, за на крајот да натежне ставот дека треба да им се даде приоритет на реформите.


Поради ДУИ, и СЈО ќе чека да завршат изборите

И покрај посветеноста што ДУИ се обидува да ја демонстрира во однос на спроведувањето на реформите, деновиве се потврди дека владејачката партија на Албанците, всушност, е пречката поради која сето ова време Владата не успева да најде решение за статусот на СЈО. Ова прашање треба да се регулира со законски измени за кои е потребно двотретинско мнозинство, независно дали би се одело на интервенции во Законот за СЈО или во Законот за јавно обвинителство. Без гласови на ВМРО-ДПМНЕ, а посебно на ДУИ, невозможно е да се обезбеди двотретинско мнозинство за надминување на празнината што се јави откако истече првичниот рок во кој СЈО можеше да подига нови обвиненија. Во предметите што ги отвори досега СЈО, иако најмногубројни се поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, има и осомничени, па и обвинети функционери на ДУИ, со оглед на тоа што овие две партии беа партнери во претходната влада.
Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска изјави неодамна дека е готова регулативата според која СЈО ќе биде дел од Основното јавно обвинителство, ама ќе ја задржи својата автономија. Но, по последните случувања на релација СДСМ – ДУИ, извесно е дека регулирањето на статусот на СЈО ќе се пролонгира за после изборите. Шефот на дипломатијата Никола Димитров, пак, во неодамнешното интервју за РСЕ нагласи дека иднината на СЈО е многу битна за одлуката на ЕУ околу датумот за преговори.
– Имавме одличен извештај минатиот јуни и ЕУ рече дека патот до преговорите се исцртува. Одлуката ја проектира за јуни оваа година. Ќе биде голем проблем за кредибилитетот за целиот пристапен процес за политиката на ЕУ кон Балканот, ако не се поддржи успехот на нашата земја која успеа да си го расчисти патот што беше забарикадиран сериозно последниве години. Мислам дека е од голема важност иднината на СЈО. И мислам дека имаме голем аргумент не само со новиот закон со кој се формираше Комисијата за корупцијата туку и како ги избравме антикорупционерите – изјави Димитров.

Александра М. Митевска