Ново видео со Нина! Биди фер за детство без пречки


УНИЦЕФ го претстави новото видео со скриена камера „Биди фер! За детство без пречки“ со пораката „Види ја способноста, а не попреченоста“.

Во видеото повторно е Нина Костоска, студент со Даунов синдром која во текот на нејзиното слободно време помага во аптеката на својот татко.

Во рамки на кампањата на 100 локации низ земјата поставени се серија од дванаесет билборди на кои децата со попреченост се прикажани како пријатели, студенти, ученици, музичари, спортски шампиони, браќа, внуци, истакнувајќи ја љубовта, љубопитноста, радоста и способноста што тие ја носат, информираат од УНИЦЕФ.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, посочува дека новата кампања „Види ја способноста, а не попреченоста“ се однесува на ослободување на потенцијалот на секое дете и дава осврт на ставовите што ја попречуваат инклузијата.

– Веруваме дека ова ќе се претвори во забрзана системска реформа за да се обезбеди секое дете да ја добие потребната поддршка и да оди на училиште со своите врсници, да ги добие потребните здравствени и социјални услуги и да се стави крај на исклученоста, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост – рече Перкс.

Кампањата „Биди фер! За детство без пречки“ е дел од пошироката програма поддржана од УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата со попреченост и е поддржана од регионалниот проект финансиран од ЕУ и УНИЦЕФ „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во земјите од Западен Балкан и Турција“.