Нови сведоци и „бомбите“ ќе го расветлуваат масакрот кај Смилковското Езеро


Нови сведоци и прислушуваните разговори на специјалното јавно обвинителство за случајот „Монструм“ се очекува да го расветлат петкратното убиство кај Смилсковското Езеро што се случи пред шест години.

Одбраната најавува нови сведоци кои досега не се појавиле во Судот, а нови сведоци се очекува да предложи и специјалното јавно обвинителство.
Но најпрвин, најверојатно, јавно ќе се слушаат разговорите што ги има обвинителството за овој случај. Овие разговори, за кои имаше политички реакции, но и реакции на родителите на убиените момчиња, се очекува да дадат одговор за тоа што се случувало на Величетврток во 2012 година и кој и зошто го извршил убиството.

Од специјалното јавно обвинителство не успеавме да добиеме потврда дали ќе предложат нови сведоци, иако обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, најави нови докази, а зависно од нив и измени и на обвинението.

Утре треба да почне доказната постапка со сведочење на Ромите кои биле на местото на убиството. Според одредбите на Законот за кривична постапка, во овој дел од постапката не може да има измени на обвинението ниту, пак, да има нови сведоци. Мора најпрвин да се испитаат сведоците кои биле предложени од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Потоа специјалното јавно обвинителство ќе ги изнесе своите докази меѓу кои се и прислушуваните разговори.

Одбраната очекува со повтореното судење за овој случај кој го презеде СЈО конечно да биде задоволена правдата за двете страни. Адвокатот Насер Рауфи предвидува преквалификација на делото, повлекување на обвинението и поднесување на обвинение против, како што вели, вистинските сторители.

„Ние имаме нови сведоци кои биле со обвинетите кога се случило убиството, со чие сведочење ќе докажеме дека обвинетите не можеле физички да бидат на местото на убиството. Во зависност од разговорите на СЈО, ќе видиме што би предложиле ние како одбрана. Не знам кои лица се опфатени во разговорите, ги немаме слушнато разговорите ниту ние ниту Судот. Од тие разговори може да произлезат нови сведоци, не би сакале да прејудицираме“, вели Рауфи.

Адвокатот очекува и СЈО да предложи нови докази и нови сведоци по нивната обвинителска истрага која траеше две години.
Иако официјална причина за убиството е да се создаде чувство на страв и несигурност кај населението, најголемата енигма за јавноста остана кој стои зад убиството и кои се вистинските мотиви.

Со оглед на тоа што на минатото судење од пред неколку години Ромите не препознаа никој од обвинетите дека бил на местото на убиството, од нивните искази не се очекуваат некои поголеми промени.

Според она што го кажаа пред пет години во Судот, неколкумина Роми на денот кога се случи убиството биле на Смилковското Езеро. Тие тврдеа дека дента ловеле риба на езерото и дека убиените момчиња им побарале леб за да фаќаат и тие риба, но потоа момчињата заминале. Кога почнало да се стемнува, Ромите тргнале да си одат, но патот им го попречил човек со пушка во рацете и им се претставил како полицаец и им рекол: „Бегајте, ќе ве убијам“.

Кога заминале, на 15-20 метри од нив слушнале пукање. Според нивното сведочење, човекот не носел маска на себе, но никој од нив не го препозна меѓу обвинетите лицето што им се заканувало.

На двајцата првообвинети во овој случај, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се товарат дека заедно со Агим Исмаиловиќ го извршиле убиството, ќе им се суди во отсуство.

Од Министерството за правда чекаат специјалното јавно обвинителство да достави потребна аргументација за да можат да испратат повторно барање за екстрадиција.

„Министерство за правда ги има доставено списите што се однесувале на барањето за екстрадиција до специјалното јавно обвинителство и се очекува да се види дали ќе достават барање со потребна аргументација за издавање повторно барање за екстрадиција“, велат од Министерството.

Освен утре, рочиште за „Монструм“ има закажано и за во идниот понеделник. Адвокатот Рауфи очекува многу брзо да се реши овој случај, со оглед на тоа дека има закажано рочиште и додека трае судската ферија.

Родители на убиените момчиња веќе не сакаат да даваат изјави во медиумите бидејќи се разочарани од тоа што нивниот случај не е решен шест години и се користи за политички пазар.

Четворицата обвинети, кои со првата одлука на Кривичниот суд беа осудени на доживотен затвор, сега се бранат од слобода откако Врховниот суд им ги укина пресудите и им го укина притворот и им определи мерки за претпазливост. Судењето се врати на почеток под надлежност на специјалното јавно обвинителство.

Фросина Факова – Серафиновиќ