Нови рочишта за „Тврдина -Таргет“ и „Топлик“


Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочиште за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина -Таргет“ за незаконското следење на комуникациите.

На претходното рочиште исказ даваше сведокот Ѓорѓи Лазаревски, кој заедно со Звонко Костовски ги извадија бомбите од УБК и благодарение на нив се откри аферата со прислушувањето.

Истрагата за предметот „Тврдина” беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет” на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Во споениот предмет „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот  директорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.

На поранешниот  директорот на УБК,  Мијалков вчера му е одреден 30-дневен притвор на барање на Специјалното јавно обвинителство за предметот „Таргет– Тврдина“, потврдија од Кривичниот суд за МИА.

Ново рочиште ќе биде одржано и за предметот „Топлик“ во кој за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град” во Сопиште, првоосомничен е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор во затворот „Скопје“.

Според обвинението на СЈО, Јанакиески како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град” во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити”.

Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.