Нова кампања за безбедност на патиштата


Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП) почна нова кампања под мотото: „И оваа година безбедноста има предност – 2018 најбезбедна до сега“. Кампањата, посочуваат од РСБСП, е во пресрет на периодот на новогодишните и божиќните празници кој е карактеристичен по големиот број веселби, изобилство на алкохол, забави до раните утрински часови, проследени со интензивен сообраќај, долги патување, смрзнати коловози… Активностите ќе се реализираат преку електронски медиуми, социјалните мрежи, билбордите и во локалите и објектите каде што младите ќе се забавуваат во пресрет на најлудата ноќ. – Оваа кампања е креирана во духот на позитивното празнично расположение, а преку љубовта и припадноста што се отсликуваат во неа, целиме кон тоа, да ги потсетиме сите учесници во сообраќајот дека за новогодишните и божиќните празници најважно е да стигнеме здрави, живи и безбедни во своите домови и празниците да ги поминеме во кругот на семејството и пријателите. Идејата на РСБСП е новата 2018 година да ја започнеме со мисла, со надеж и со верба, дека овaа треба да биде најбезбедната година до сега, велат од РСБСП. Истакнуваат дека за да стане реалност желбата 2018. да биде најбезедна година досега и да се намали бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди е потребна поголемa лична и колективна свест и одговорност. – Секој поединечно и сите заедно можеме да го направиме сообраќајот да биде безбеден и сигурен. Од нас самите зависи, од нашата култура, од нашата желба, толеранција, дисциплина. Од тоа колку ќе ги почитуваме сообраќајните правила и прописи. Последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни за да бидеме комотни во сообраќакјот, затоа во 2018 година бидете позитивен пример и дајте го својот придонес за побезбеден сообраќај, соопштува РСБСП. Апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не возат брзо и да не возат под дејство на алкохол. Новогодишните прослави највесело и најбезбедно ќе ги поминете доколку се одлучите на нив да заминете без својот автомобил. Нека 2018 година биде најбезбедна досега! – “Вози Одговорно!“, велат од РСБСП.