Нова година доаѓа, никому не му се слави


Сивило и магла се единствените нешта што деновиве ќе ги забележите доколку прошетате низ скопските улици. На две и пол недели пред пристигнувањето на Новата година нема никаква најава за празнична атмосфера. Нема светилки и украси, нема новогодишна елка, ги нема ниту кичестите предмети што го грдеа градот, но даваа на знаење дека се ближи „најлудата“ ноќ во годината. За разлика од нас, метрополите во соседството се „нашминкаа“, и барем малку им го обоија тешкото секојдневие на граѓаните. Загреб, на пример, веќе трета година по ред е прогласен за град каде што има најубава атмосфера во пресрет на божиќните и новогодишните празници.

Од Град Скопје добивме одговор дека украсувањето ќе почне викендов бидејќи во моментов сѐ уште трае административната постапка.

Град Скопје привршува со административните постапки за новогодишното декоративно уредување и во текот на викендот би требало да започне украсувањето, за што повеќе детали ќе бидат објавени дополнително. Исто така, се работи и на делот од содржините што треба да се реализираат во текот на празниците со цел да се збогати празничната атмосфера“, велат градските власти.

И оваа година, како и лани, нема да има организиран дочек на плоштадот „Македонија“, а слична е ситуацијата и со другите градови од внатрешноста на земјава. Најчесто со образложение дека е сиромаштија, односно поради страв од негативни реакции во јавноста, парите за гломазни прослави се пренасочуваат за други намени. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, веќе најави дека се откажува пречекот на Новата 2018 година, а планираните средства (околу 50.000 евра) ќе се донираат за Детската болница во Козле. Тој истакна дека се следеле препораките да не се одржуваат средби на отворено и ги повика и спонзорите да ги донираат средствата предвидени за прославата на оваа ноќ во добротворни цели. Ќе се одржат предновогодишните празнични активности: базар на активности, дедомразовски трки и детската програма.

Општина Ѓорче Петров одлучи место да се организира прослава, средствата да се пренаменат за новогодишни пакетчиња за сите првоодделенци од училиштата на територија на општината. За украсување на улиците и парковите ќе се потрошат петнаесетина илјади евра. Општина Центар, пак, соопшти дека ќе организира новогодишна прослава на сквер „Јадран“, но немало да троши свои пари, туку спонзорски. И немало да се носат скапи странски пејачи, туку домашни.

Во буџетот имаше предвидено 6 милиони денари за новогодишна прослава. Тие пари ги пренаменивме за чистење на Општината и за хуманитарни цели, а за Нова година во преговори сме со спонзори. За да се потрошат помалку средства, нема да поставуваме бина, туку ќе ставиме маси и тоа ќе биде еден вид кафеана на отворено“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Организиран дочек на Новата година нема да има ниту во Крушево. Локалната самоуправа признава дека финансиската состојба е тешка, па средствата ќе се искористат за поприоритетни работи, како што е подобрување на патната инфраструктура. Во Општина Прилеп ни рекоа дека во моментов се сконцентрирани на прославата за Свети Никола, која е прогласена за градска слава, додека за Нова година ќе биде организирана поскромна забава. Во Општина Тетово вчера беше конституиран Советот, што веројатно ќе се одрази и на новогодишните активности.

Организирана прослава не е организирана бидејќи таква одлука треба да мине преку Советот, прашање е дали ќе има време“, велат тетовските власти.

Во Општина Струмица само кусо ни одговорија дека нема да организираат заеднички дочек, додека во Битола сѐ уште не е донесена конечна одлука. Досегашните прослави чинеле педесетина илјади евра годишно, поради што сега се бара парите да се пренасочат за институции и проекти што ќе помогнат во секојдневното живеење на битолчани. Единствено Охрид се подготвува за организирана прослава, но „сѐ уште не се договорени деталите, кој ќе пее, каква ќе биде програмата и колку ќе чини“.

Социолозите препознаваат популистичка нота во смисла дека на сметка на тоа што треба да се веселите и гледате таков спектакл – парите ќе ги пренамениме кон оние што се најмногу загрозени. Од друга страна, прославата е прослава и може да се организира во скромни размери. Сведоци сме дека во западните земји Новата година најчесто се слави на отворено, луѓето излегуваат, се дружат и уживаат. Но, таму државата и општеството се грижат за своите граѓани од социјално ранливите категории, се градат болници, патишта и не се чека пет до дванаесет за да се интервенира каде што е потребно.

Таа солидарност мора да дојде од државата, граѓаните и институциите, односно да не се доживува на кампањски начин поради популизам“, смета српскиот социолог Ратко Божовиќ.

Иницијативата за откажување на скапите новогодишни забави и пренасочување на средствата кон болниците и центрите за социјална работа започна лани во Србија и за кусо време се прошири низ целиот регион. Така, Скопје, но и еден куп други градови во Македонија во последен момент ги откажаа договорените настапи на домашни и странски уметници поради што се закануваа последици од правен карактер.

Горан Адамовски