Новата зграда на ЕЛЕМ има паркинг, ама не и влез за возила


Поплавени гаражи, без влез за возила, лифтови надвор од функција, погрешно поставен мебел и осветлување… Новата зграда на ЕЛЕМ, дел од проектот „Скопје 2014“, има долга листа на фалинки. Иако започна да се гради во 2013 година, сè уште не е завршена, а ниту во моментов нема рок кога вработените на компанијата ќе можат да се вселат во новите простории.

Во моментов зградата, лоцирана во строгиот центар на Скопје, точно на аголот спроти некогашниот хотел „Бристол“, е заградена како градилиште. Беше натурена во просторот, на место каде што имаше парк, а големината, осум ката и плус три подземја, комплетно не соодветствува со капацитетот на тој простор. Поради тоа повеќето од просториите имаат облик на триаголници и чудни и нефункционални ќошиња.

Струја и вода има, но не на сите катови. Не се штедело на ситници и шминкање, но се игнорирале функционалните детали. Мебелот е набавен, а чинел 470.000 евра. Канцелариите се снабдени со маси од полно дрво, а до канцеларијата на директорот има дневна соба со бања, но и соба за тет-а-тет средби со целосна звучна изолација. На секој кат има и кујни, ама некои немаат довод за вода.

Зградата досега чинеше над 15 милиони евра, а проектот неколкупати е дополнуван и менуван за да се поправат грешките. За измените не се барале дозволи, па сега тоа е најголемиот проблем за да се извади документацијата за зградата. Од градежен аспект останува уште многу малку да се доизгради, но средувањето на документите може да потрае. Новото раководство на ЕЛЕМ побарало дозвола од Министерството за транспорт и врски, но биле одбиени. Сега најавуваат дека ќе бараат од ИЗИИС потврда дека и покрај сите измени зградата е стабилна, како услов за да стане употреблива.

„Градбата на оваа зграда почна во 2013 година, иако подготовките се почнати неколку години пред тоа. Во 2013 година ЕЛЕМ на тендер ја избра австриската фирма ‘Штрабаг’, која требаше за 9,8 милиони евра да ја заврши зградата за година и пол. Но, и по тој период и со дополнително платени уште 2,6 милиони евра, зградата не беше завршена. ЕЛЕМ во 2015 година распиша нов тендер кој го доби фирмата ‘Озон’ за нови 2,2 милиони евра и со шест месеци рок за завршување. Во моментов и двете фирми се во објектот, а зградата сè уште не е завршена“, велат во ЕЛЕМ.

На пример, недостигале разводни табли за струја, конектори и други елементи без кои цели системи не можат да се тестираат и да се пуштат во работа. Дополнителен проблем е што во текот на градбата некој одлучил дата-центарот од приземје да го премести на петти кат. Тоа е соба полна со сервери и дополнителна опрема која е многу тешка и може да ја наруши статиката на целата зграда. Поради тоа, во моментов се зајакнува подот на петтиот кат за да може да ја издржи тежината на нестандардното оптоварување на машините. Зградата стои и на расед на земјиште, па морала дополнително да биде обезбедувана во случај на земјотрес.

Зградата во моментов нема ниту пристап за возила, иако има гаражи во три нивоа подземје. Пристапната улица е предвидена од задната страна, во паркот пред станбените згради. Поради неа треба да се исечат десетина дрвја, а и тогаш би била многу тесна.

„Овој објект е изграден на место на парк, пред самите згради и пристапот е многу тежок. Поради тоа, раководството на компанијата реши да не ја гради улицата, ќе се сочува паркот, а влезот на автомобилите ќе се решава на друг начин, веројатно со лифтови“, велат во ЕЛЕМ.

Сања Наумовска