Новата Бугарија се вика Естонија


Додека трае расправата за или против прогресивно оданочување и народот е поделен на бранители и предавници на македонштината, државата што создава дигитална нација е сè попривлечна за Македонците, посебно за младите.

„Новата Бугарија за Македонците се вика Естонија“, вели еден пријател посочувајќи дека ЕУ-членката позната како „Е-стонија“ последниве неколку години повеќе добива државјани отколку што губи.

Државата што успева да ги крши географските граници со онлајн технологија себеси се декларира како ветена земја за дигитални номади, кои сакаат да работат и да управуваат со бизнисот додека патуваат. Ги привлекува фриленсерите, со едноставни плаќања и пристап до ЕУ-пазарите, а за компаниите, посебно за стартапите, е интересна поради можноста за користење на ЕУ-фондовите. А цаката е во тоа што до „е-стонско“ државјанство се доаѓа преку интернет-апликација и многу брзо.

„Се пополнува апликацијата. Процесирањето трае од 30-40 дена. Според мои информации, се одобруваат до 90 отсто од барањата, посебно ако сте добро технолошки поткован. Едноставно, ти ги скенираат социјалните профили, најчесто Линкедин како професионална бизнис-мрежа“, го кажува своето искуство Блаже Аризанов и дообјаснува дека не се само даночните бенефити и транспарентните процедури тие што ги привлекуваат младите Македонци, туку и финансиската отвореност на Естонија и пристапот до меѓународни платежни алатки. Токму поради тоа, најчести апликанти се поединци од источноевропските земји, меѓу кои предводи Украина, понатаму Русија, Турција, а по „Брегзит“ и Велика Британија.

Апликантот може да избере дали сака да си ја подигне картичката за виртуелно државјанство во Талин или во некоја од естонските амбасади во негова близина.

„Целата поента на виртуелното државјанство е да се основа компанија. Процесот е извонредно краток и едноставен, посебно ако ви го води локална консултантска компанија. Нивниот регистар за компании е извонредно паметно дизајниран и интероперабилен со отворени APIs, така што секоја консултантска компанија, која е партнер на проектот ‘Е-државјанство’ (E-residency), слободно може да се поврзе со системите на владините институции. За 3 дена во Талин подигнав картичката за е-државјанство oд МВР, аплицирав за регистрација за деловен ентитет и имав интервју во банка за отворање банкарска сметка“, објаснува Аризанов.

По неодамнешниот скандал со перење пари, во кој беа инволвирани и експозитури на Данската банка во Естонија, банките се повнимателни. И менаџерите на програмата за виртуелно државјанство и банките јасно кажуваат дека прифаќаат апликации само од дигитални претприемачи. Државјанство не се одобрува за поединци кои сакаат да тргуваат со физички добра и услуги, на пример.

„Препорачливо е да се отвори класична банкарска сметка во естонска банка наместо виртуелна сметка од провајдери од типот на ‘Холви’ и ‘Трансфервајз’ (за оние што не можат физички да се појават во Талин) бидејќи релациите на овие компании со Естонија се честопати променливи и не се ретки случаите кога одреден виртуелен државјанин се буди наутро со мејл кој го известува дека неговата сметка или компанија е привремено блокирана поради нејаснотии за типот на бизнисот или за потеклото на приливите“, укажува Аризанов. Отворањето фирма заедно со апликацијата го чинеле помалку од 200 евра.

За оние што не знаат, Блаже Аризанов е Македонецот кој разработи милионски бизнис, како коосновач на стартапот „Стеј анкл“ (StayUncle). Тоа е онлајн портал за резервација на хотели за кус или целодневен престој, само за невенчани двојки, кои не сакаат на никој начин да бидат вознемирувани.

„Благодарение на мојот интернационален успех со ‘Стеј анкл’ добив инстантно одобрение за привремено 5-годишно државјанство за успешни интернационални претприемачи, кои би сакале да оперираат од Естонија или да основаат фирма таму и кое ми дава полни привилегии како и на роден естонски граѓанин“, вели Аризанов.

Висококвалификуваните се демотивираат

Како човек кој од ништо направил милиони, и тоа не во земјава туку надвор, Аризанов вели дека зачудувачки е како може да се каже дека оние што земаат плата од 1.500 евра се богати.

„Вкупната бројка на овие луѓе во Македонија е минимална. Тоа се оние што ѝ се најпотребни на земја како Македонија – програмери, дигитални претприемачи, консултанти – висококвалификувани луѓе во земја во која сè уште доминира фармерството и ниско квалификуваните дејности. Со овој чекор овие луѓе се бркаат надвор од државата. А каде ќе одат? Во Естонија“, вели Аризанов.

Нему му е интересно што двете земји преземаат дијаметрално спротивни чекори.

„Естонското виртуелно државјанство е таргетирано токму кон кој тип луѓе кои нашата влада се обидува да ги избрка. Македонија речиси и нема од оние таканаречените продуктивни или добри богаташи, кои би биле одлика на функционална пазарна економија и кои го имаат стекнато своето богатство на база на технолошко претприемништво и мануфактура, а наместо тоа, имаме топ 0,1 процент чие богатство е стекнато за време на мрачниот период на приватизација и во сектори на суровини и енергенти кои се традиционално склони кон корупција и кронизам. Со ваквиот чекор се сечат ваквите кревки џебови на продуктивно стекнато благо уште од самиот никулец наместо уште повеќе да се стимулираат“, тврди Аризанов. Тој додава дека данокот на добивка за компаниите во Естонија е 20 проценти, но тоа се однесува само на распределениот дел од добивката. Онаа добивка која останува нераспределена воопшто не се даночи. Има рамен данок на личен доход од 20 проценти, но делот од личниот доход кој произлегува од капитална добивка на база на камати, недвижнини, не се оданочува повторно.

Анита Салтировска