Ниту лидерска ниту политичкиот консензус


Ги затвори ли лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сите шанси за евентуален нов лидерски договор со кој најпрвин би се обезбедиле гласови во Собранието за пристапување кон уставните измени, а потоа со политички консензус би се интервенирало во содржинскиот дел на уставните амандмани?

Наспроти барањата на неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Елизабета Канческа-Милевска, Крсто Јовановски и Весна Димовска – Илиевска да седне со Заев на маса и да се договорат, за Мицкоски таква потреба нема бидејќи договорот со Грција е правно и политички мртов. Тоа преку писмо му го соопшти и на американскиот помошник на државниот секретар, Вес Мичел.

Извори од опозицијата вчера рекоа дека во партиското седиште не стигнала официјална покана за средба меѓу Заев и Мицкоски. Премиерот Заев, пак, изрази подготвеност да седне со сите, вклучително и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да може, како што рече, да се изгради сценарио и консензус по ова прашање, иако неодамна оцени дека досегашните лидерски средби не донеле ефект и дека затоа ќе се разговарало директно со пратениците во насока на нивно одоброволување за гласање за пристапување кон уставните измени.

На прашањето дали е можна лидерска средба портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, вчера не даде конкретен одговор.

„Премиерот Заев е трет ден во Собранието. Сите пораки се кристално и јасно искажани од собраниската говорница. Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи, како што вели премиерот, пресериозна е работата“, посочи Бошњаковски.

На амнестија вчера од собраниската говорница отворено повикаа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев и пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски. Манојловски порача дека на секој од опозицијата што ќе гласа треба да му се гарантира иднината зашто, како што рече, така било поевтино.

Дел од политичките посматрачи деновиве изразија надеж дека ќе се смират тензиите меѓу политичките противници, особено по повикот на премиерот за политичко помирување, што беше протолкувано кај дел од јавноста како понуда за амнестија. Таквите размислувања се зголемија по одлуките на надлежниот суд двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, обвинети за случувањата на 27 април во Собранието, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски да излезат од домашен притвор.

„Барем според последните изјави на Мицкоски очигледно е дека тешко ќе дојде до лидерска средба и лидерски договор. Но тоа не значи дека процесот е дефинитивно мртов. Во ВМРО-ДПМНЕ очигледно има разногласие, особено во пратеничката група. Кај дел од пратениците Мицкоски нема кредибилитет. Тоа остава надеж дека, сепак, процесите може да бидат одблокирани“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.

Пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов, вчера предложи одложена внатрешна употреба на името Република Северна Македонија откако земјата ќе стане членки на НАТО и ЕУ што, како што рече, може да биде основа за договор меѓу власта и опозицијата. Тој додаде дека ќе биде доследен на партискиот став и дека ќе гласа против предлог-одлуката за уставни измени, но истовремено порача дека мора да се најде решение за големата разединетост помеѓу партиите, граѓанството и воопшто општеството.

И премиерот Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров се согласни дека постои простор за прифаќање на одредени предлози предложени од опозицијата.

„Владата ќе треба да ги подготви нацрт амандманите во рок од 15 дена. Јас како прв во Владата повикувам заедно да седнеме да ги работиме амандманите“, рече Заев и изрази подготвеност за нов петти амандман ако се смета за потребно и ја повтори можноста за дополнително потврдување на идентитетот.

Во врска со начинот на кој ќе бидат формулирани амандманите и што сè ќе содржат, владиниот портпарол Миле Бошњаковски, вчера рече дека тоа ќе биде познато штом заврши гласањето во Собранието посочувајќи дека не сака да шпекулира за нивната содржина. (Н.К.)