Нинџа ги испрашуваше сведоците на Чавков: Шефот ви беше во ВМРО, не сте го чувале добро


Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, на 27 април минатата година, за време на крвавиот упад во Собранието, попладнето околу 18 часот, не бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, туку бил во својата канцеларија во зградата на „Технометал Вардар“, која се наоѓа во непосредна близина на партиското седиште. Ова е верзијата на неговите двајца телохранители, Никола Димитриевски и Вангел Цакончев, кои вчера дадоа слични верзии за тоа каде бил нивниот шеф за време на упадот кога според обвинението Чавков наместо да им дава команди на полицајците да го спречат, до нив стигале наредби да не дејствуваат, односно немо да го следат хаосот што го следеше цела македонска јавност. Според сведочењата на телохранителите, сите приватни и службени документи Чавков си ги префрлил во оваа канцеларија откако во 2016 година беше избрана техничката влада и министер за внатрешни работи стана Оливер Спасовски.

Двајцата сведоци што ги предложи одбраната на Чавков се обидоа да го убедат судот дека нивниот шеф давал команди и наредби за да се расчисти ситуацијата во Собранието. Иако се сетија во колку часот и каде бил Чавков, сепак и двајцата не слушнале какви точно команди давал нивниот шеф. Сепак, во сведочењата двајцата прецизно кажаа кога точно го зеле утрото Чавков од дома, во колку час го однеле на забар, па во „Сити мол“ и „Скара бар“, но не се сетија и не слушнале какви наредби издавал Чавков.

Никола Димитриевски, кој му бил лично обезбедување на Чавков, сведочеше дека околу 19 часот, додека го чекал пред канцеларијата, слушнал дека неговиот шеф гласно им давал команди на началниците, односно на командантот на Единицата за брзо распоредување Влатко Наумовски, на началникот Митко Пешов и на други началници и раководители. Околу 20 часот, според сведочењата, Чавков отишол во оперативниот штаб во МВР, односно во зградата на граничната полиција, кој се наоѓал на приземје во кругот на Министерството за внатрешни работи. И таму, според сведочењата, Чавков им давал команди и наредби конкретно на Сашо Митевски, кој тогаш бил на терен и ги спроведувал задачите на самото место. Во Министерството останале некаде до полноќ, а по полноќ заминале во штабот на ВМРО-ДПМНЕ каде што го однеле Чавков за да се види со поранешниот министер и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.

Сомневање за нивното сведочење отворија прашањата на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа кој, пак, претходно сведочеше дека Чавков во периодот од 18 до 19:15 часот бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде што заедно со високи функционери на партијата, меѓу кои поранешната заменик-министерка за правда, Билјана Биршкоска-Бошковски, поранешните министри Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, го командувале крвавото сценарио што се случи во Собранието. Од прашањата на Нинџа произлезе дека од гаражата на „Технометал Вардар“ преку подземен премин се стигнува во гаражата на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, од прашањата на овој обвинет произлезе и тоа дека во подрумските простории, каде што било паркирано возилото на Чавков, на паркингот за зградата на „Технометал Вардар“, имало лифт кој водел кон плоштадот на ВМРО-ДПМНЕ. Сомневање околу нивните сведочењата отвори и предупредувањето на судијката Добрила Кацарска, која, додека го испрашуваше личниот телохранител на Чавков, Димитриевски, го предупреди дека е под заклетва и дека е должен да ја кажува вистината.

Кацарска го праша обезбедувачот Никола Димитриевски што има завршено од образование. Откако доби одговор од сведокот дека завршил четврти степен електротехничка струка, Кацарска му рече: „Значи, господине, можете да ги сфатите поуките што претходно ви ги кажа судот“. Сепак, и двајцата сведоци останаа на ставот дека нивниот шеф заминал во ВМРО-ДПМНЕ по полноќ, а си заминал дома кога се разденило.

„Вашиот ВИП-објект не сте го чувале доволно бидејќи од 18 до 19:15 часот беше на осми кат во ВМРО-ДПМНЕ“, им рече Нинџа на телохранителите.

Нинџа и судијката Кацарска беа единствените кои им поставуваа прашања на сведоците. Иако адвокатот на Чавков, Сашко Дуковски, на секое прашање на Нинџа имаше приговор, сепак судијката му прифати само еден или два, па на Нинџа му беа одговорени сите прашања.

Со сведочењето на Александар Василевски се случи пресврт на судењето за 27 април. Претходно, двајцата браќа обвинети во овој случај, Стефан и Михаил Младеновски, открија дека упадот во Собрание го организирало раководството на УБК, а Нинџа во своја одбрана потврди дека целата операција била командувана од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, овие сведочења не го дадоа одговорот кој го смислил сценариото.

Денеска во судот како сведок треба да се појави поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој за време на тепањето бил во својот кабинет. Според сведочењето на Нинџа, на Вељаноски команди преку телефон му давала поранешната заменичка за правда Бришкоска-Бошковски.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски