Николовска: Oсомничените нема да се спасат од кривична одговорност


Врховниот суд донесе начелено правно мислење со кое се запираат истражните постапки на Специјалното јавно обвинителство, но осомничените нема да се спасат од кривична одговорност, рече поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на Мониторинг извештајот за работата на Судскиот совет на РМ.

Таа посочи дека правниот систем во Македонија треба да продолжи со истражните постапки на предметите кои СЈО не успеа да ги доврши.

-Факт е дека сите политички партии се согласија за формирањето на СЈО. Тоа е многу голем и јак елемент за негово постоење. Неговото минизирање сега, како што прочитав во одредена медиумска презентација  дека „Специјалното јавно обвинителство е мртво“, јас лично сметам дека осомничените нема да може да се ослободат од кривична одговорност на овој начин. Сепак има правен систем кој мора да најде начин предметите во кривичната област да се процесуираат и на овој или оној начин да дојдат до крајно решение, рече Цаца Николовска.

Врховниот суд, според неа, нема надлежност да го толкува Законот за СЈО, туку тоа треба да го прави единствено Собраниет или пак Уставнот суд доколку е проблематична содржината на Законот.

-Очигледно дури сега одредени лица смогнале храброст и снага да го направат тоа. Но, ако некој смета дека со ова начелно мислење одредени лица ќе бидат ослободени од кривична одговорност, тоа би било катастрофа во Македонија. Не навлегувам во содржината на правното мислење, ако воопшто тоа е содржина, бидејќи е само препишан текст од Законот без да се елаборира, истакна Цаца Николовска.

Во контекст на тоа посочи дека во Законот за СЈО никаде не стои дека е забрането покренување истрага по изминување на 18 месеци од преземање на материјалите.

Според поранешната судијка Вера Коцо, правното мислењето на Врховниот суд е правно неиздржано, но сепак, како што вели, ќе има влијание врз пониските судови.

-Врховниот суд не се залетува по прв пат со вакви правни мислење. И во изминатиот период знаеше да донесе некакви правни мислења и начални ставови, кои не соодветствуваат на правната состојба во нашето општество. Ова правно мислење е штуро и донесено во време кога судовите немале различни одлуки, па евентуално да сакаат да усогласат нешто, рече Коцо.

Минатата недела Врховниот суд донесоа начелно правно мислење во кое наведуваат дека СЈО не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.

Кривичниот суд Скопје денеска побара од државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од Специјалното јавно обвинителство.

Од Судот посочуваат дека, сé до произнесување на државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој милење даде Врховниот суд на РМ, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, сé со цел да не дојде до непотребно одолговлекување.