Разрешените од ВМРО на средба со еврокомесарот Хан


Остри пораки кон  ВМРО ДПМНЕ пристигнаа од конгресот на ЕПП во Хелсинки каде што паралелно со официјалната делегација, поканети се и разрешените функционери од оваа партија. Уште рано сабајле со исклучените имаше средба еврокомесарот Јоханес Хан, а потоа и како што го нарекоа „новиот можен премиер“ на ЕК, Манфред Вебер.  Главната порака од средбите беше до лидерството на ВМРО ДПМНЕ да не го кочи Преспанскиот договор и да престанат сатанизирањата на тие што гласаа за уставните промени.

,,Искучителен состанок со еврокомесарот Јоханес Хан“, напиша еден од реформаторите Петар Богојевски на Фејсбук.

„Добра средба со македонските колеги Петар Богојески, Емилија Александрова, Никола Тодоров на самитот на ЕПП. Ја поздравувам нивната храброст за гласањето за Договорот од Преспа. Сите закани против нив мора да престанат! Сите партии треба да работат за ЕУ агендата, која ја сака поголемиот дел од граѓанита“, напиша Хан на Твитер.

Дорис Пак, беше многу остра и директна:„Мицкоски тргна по поддршка во Хелсинки, но сестринските партии му го рекоа истото како и досега и јасно му кажаа дека не ги одобруваат неговите политики во ВМРО ДПМНЕ“.Претходно таа  на Твитер објави: „Неприфатливо е осумте пратеници од ВМРО кои гласаа за Договорот со Грција и за европска иднина на земјата, да се третираат како криминалци. ЕПП тоа не смее да го толерира!“

Ексминистерот Никола Тодоров извести дека на средбата со еврокомесарот за проширување  Јоханес Хан се разговарало за европските перспективите на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ и за заканите и притисоците со кои се соочуваат сите оние кои мислат поинаку од актуелното раководство на партијата.


„Од двете страни беше изразена силна поддршка за евро-интегративните процеси на Македонија и потребата од имплементација на реформите неопходни за интеграција на Македонија во ЕУ. Беше истакната и неопходноста од демократизација на партијата преку измена на статутот на партијата со цел ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да дејствува како европска, модерна центар-десна партија. Од страна на еврокомесарот беше потенцирано дека заканите и притисоците мора да запрат и беше изразена јасна поддршка за одлучните и храбри чекори кои се во правец на интеграција на Македонија во Европската Унија“ вели Тодоров за „Независен весник“.

Тодоров оствари и средба со европратеникот Едуард Кукан и Манфред Вебер кој најверојатно ќе биде кандидат на ЕПП за претседател на Европската комисија.

Никола Тодоров на средба со Едуард Кукан

 

Никола Тодоров на средба со Манфред Вебер

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера оствари средба со Хан, по којашто еврокомесарот на неговиот твитер-профил напиша дека бил кристално јасен оти договорот од Преспа мора да се финализира.

„Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договор сега мора да заврши брзо, без никакви пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја попречува постапката во парламентот. На ЕУ-интеграцијата ѝ треба лојална опозиција!“, напиша Хан на својот твитер профил.

Хан твитна дека ја поздравува посветеноста на Мицкоски, да не го попречува Преспанскиот договор во Собранието.

„Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договор сега мора да заврши брзо, без никакви пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја попречува постапката во парламентот. На ЕУ-интеграцијата ѝ треба лојална опозиција!“, напиша Хан на својот твитер профил.

(В.М.Л.)