Никола Попоски се повлекува, Конгрес веројатно ќе има


Поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски се повлекол од сите функции во ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат високи партиски извори за Независен весник.

Според нив, извршниот комитет на партијата вечерва во 19 часот ќе разговара за иницијативата на поранешни и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ за одложување на престојниот конгрес во Валандово и престанување на притисоците во полза на Генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски.

– Вечерва само ќе се разговара, а конечната одлука ќе ја донесе централниот комитет чија седница е закажана за утре. Тешко дека ќе биде прифатено барањето на потписниците на писмото, така што конгрес веројатно ќе има, а Мицкоски ќе биде наследник на Никола Груевски – тврдат нашите извори.

Илија Димовски кој е еден од потписниците на писмото во изјава за Независен весник рече дека очекува разумна одлука на ИК, несакајќи да коментира што ќе се случи доколку конгресот сепак се одржи.

– Бараме обединување, а не раскол – ни рече Димовски.