Никола Груевски пред барикадите, партискиот врв проретчен


Сите граѓани кои не се согласуваат со антидржавна политика на СДС да излезат на протест пред Основниот суд Скопје во 13.30 часот“, беше драматичната порака што челните луѓе на ВМРО – ДПМНЕ вчера околу 10.30 часот ја испратија по апсењата за собраниските случувања на 27 април. Исчекување и неизвесност како ќе продолжи да се одвива денот, што започна со приведувања и кривични пријави за 36 лица, меѓу кои пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, членови на извршниот комитет, поранешни функционери на партијата и други јавни личности. Додека траеше нивниот распит во Кривичниот суд, полека почна да се собира народ за да им даде поддршка. Околу 200 луѓе со партиски и национални обележја се стационираа пред веќе поставената ограда пред судот. Вооружени полицајци и припадници на специјалната полиција со полна опрема се грижеа за безбедноста. Студот попушти, атмосферата беше коморна. Од време на време се слушаа извици: „Слобода, слобода“ и „Македонија и Македонија“. По половина час, еден од демонстрантите ги повика собраните да го блокираат булеварот „Гоце Делчев“. На присутните им се делеа свирчиња.

Ова е срамота што се прави. Луѓето што ја бранеа Македонија сега се затвораат и уште се гонат за тероризам, а вистинските терористи се ослободуваат“, револтирано оценуваа некои од нив.

Повеќето не сакаа да зборуваат со медиумите, бидејќи ги сметаа за „соработници на режимот и предавници“. Меѓу насобраните имаше млади и стари, жени и деца. Бараат судот да ги ослободи приведените. Жалат што нема повеќе луѓе на протестот.

Јас не сум член на ниту една партија, но дојдов тука, бидејќи сум Македонец. Сите треба да се обединиме против ова зло каква што е сегашната власт. На Бугарите им ја продадовме црквата, на Грците ќе им го дадеме името, а на Албанците целата држава. И што правиме сега, апсиме Македонци само затоа што си ја бранеа државата. А, тоа што истата вечер беше спроведен пуч и антидржавен удар со избирањето на нелегимитен претседател на Собранието – никому ништо“, вели Бобан Николовски од Скопје.

Се раскажуваат детали од утринските апсења. Во домот на ексминистерот за внатрешни работи, Митко Чавков, полицијата упаднала во пет часот наутро и наводно, не му дозволила ниту да ги испие апчињата што ги користел за срцевите проблеми.

Сакам да истакнам дека ниту оние кои власта моментално ги ослободува од затворите не добиваат ваков третман и сметам дека ова е големо лицемерие што човекот, кој сиот свој живот се бореше против сузбивање на безброј терористички акции, сега да го третираат како терорист“, изјави неговата ќерка Зорица.

Пред очите на семејството, како најголеми криминалци, тврдат нивните блиски, биле приведени актерот Владо Јовановски, оперскиот пејач Игор Дурловски, пратениците Жаклина Пешевска и Крсто Мукоски…

На улица беа генералниот секретар на партијата, Христијан Мицковски, довчерашниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, актерот Тони Михајловски, тука беше и ексдиректорот на ЕСМ, Ламбе Арнаудов, Филип Петровски… Околу 14.30 часот, експремиерот Никола Груевски со група од триесетина свои соработници се приближи кон судот. Атмосферата живна во истиот час.

Никола, Никола“ и „ВМРО – ДПМНЕ“ се скандираше додека собраните се туркаа да се поздрават со претседателот на партијата. Покрај него беа најголем дел од пратениците во сегашниот состав. Ги немаше довчерашниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков, поранешните блиски соработници Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски, ги немаше Никола Поповски, Антонио Милошоски, Никола Тодоров … Тој се доближи до оградата, а пред него имаше кордон полиција. Луѓето што протестираа му се жалеа на тортури на актуелната власт и бараа порешителни чекори и потези од опозицијата.

Никола, излези од Собрание и поведи го народот на улица“, му дофрлуваа.

Се стемни, температурите паднаа, се нудат чај и кафе. Се мести разглас и музика, се пуштаат патриотски песни. Се чека засилување од граѓаните што ќе завршат со своите работни обврски, како и од членството од внатрешноста. Нема заминување додека не се слушне одлуката на судот за одредување притвор или пуштање на слобода на осомничените.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство, по завршувањето на предистражната постапка што ја спровеле, вкупно 36 лица се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Горан Адамовски