Не само Лика, ќе „летаат“ и други министри?


Реконструкција на Владата нема да има, но веројатно ќе има смена на министри, потврди вчера премиерот Зоран Заев. Тој не спомна конкретни имиња, ама алудираше дека одговорност ќе мораат да понесат сите оние што не ги исполнуваат задачите, но и што не доаѓаат на работните места, а земаат плата.
„Не размислуваме за реконструкција при вакви сериозни парламентарни процеси. Секако, ако некој министер не доаѓа на влада – логично е дека владата треба да седне да размисли тоа да се промени. Разговараме со коалициските партнери кои споделиле одговорност со нас во делот на другите ресори ако се случат такви потреби, па ако некаде немаме ефекти, знаеме како“, рече Заев.
Тој посочи и на нереализацијата на капиталните инвестиции, нагласувајќи дека и во овој дел е потребна политичка одговорност.
– Има два чекора. Првиот е да ги одземеме парите и да ги насочиме на друго место. Тоа го направивме, ги насочивме кон општините, барем да го дигнеме капацитетот на локалната самоуправа. Вториот чекор е политичката одговорност. Разбирам, службите имаат страв од потпишување, има нерешени имотно-правни односи, има проекти што не се дозавршени, но ниту јас ниту граѓаните имаат разбирање за нас ако не ги реализираме плановите од буџетот, посебно капиталниот развој на Македонија. Сите сме времено овде, мораме да сносиме одговорност, а таа одговорност ќе биде толерирана од страна на граѓаните само ако дефинира успешност“, рече Заев.
Деновиве во јавноста повторно беше актуелизиран проблемот со вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, кој со месеци не доаѓа на „Илинденска“ поради кавга со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Најавата на Заев дека одговорност треба да преземат оние кои земаат плата, а не одат на работа се смета за сигнал за можно разрешување на Лика од функцијата во владиниот кабинет, за што, пак, одлука треба да донесе Собранието.
Ахмети во интервју за ТВ „Клан Македонија“ негираше дека се дискутирало за нова владина реконструкција. Сепак, тој посочи дека ќе се анализира работата на функционерите.
– Важните работи се движат во добра насока, иако не е направена детална анализа за нашите функционери. Не сакам да искажувам мое индивидуално мислење, без конкретна анализа. Овие работи ги дискутираме со партиските органи, но и со партнерите во коалицијата, затоа што одговорност и анализа ќе има. Политиките треба и се прават заедно и нормално е дека ќе ги дискутираме – рече Ахмети.
Посочувањето на Заев на нереализираните капитални инвестиции и на долговите на општините, сепак, се смета како навестување дека Лика нема да биде единствениот функционер што ќе замине од Владата, иако и премиерот вели дека не станува збор за реконструкција.
Во политички кругови веќе се шпекулира со можноста од функцијата сам да се повлече вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев. Речиси како извесен кандидат за смена се спомнува и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, а не се исклучени и други кадровски резови, само што прашање е дали тие би се извеле преку разрешување или нудење оставки. (П.Р.)