Не можеме да вршиме инспекција во објект без дозвола


Три дена по кобната несреќа во Илинден, каде што 13-годишно девојче се удави во ископ за темели за изградба на зграда во скопската приградска населба Илинден, сè уште нема одговор чија е одговорноста што огромниот кратер цела година зјаел празен и незаграден. Обвинителството собира информации која фирма ги изведувала градежните работи, а се испитува и работата на инспекциските служби. Во општината велат дека не издале дозвола за градба, а од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам објаснуваат оти нивните луѓе не можеле да извршат инспекција на објект што воопшто немал дозвола да почне со градба. Од таму најпрво нагласуваат дека нивни обврски и должности се објектите од прва категорија, односно тие што се од државно значење, додека за куќите, зградите и станбените објекти од втора категорија се задолжени општините.

Што се однесува до конкретниот случај, факт е дека нема поднесено барање за отпочнување со градба, па аналогно на тоа не може Инспекторатот да излезе на терен. Сепак, прашањето е дали општината воопшто имала свој инспектор, затоа што помалите општини кубурат со кадар, се случува еден инспектор да покрива две општини“, вели в.д. директорот на Инспекторатот, Димитар Гаќев.

Тој појаснува дека без дозвола не можеле да започнат ниту земјените активности, па дури и да била идејата на инвеститорите да го откупат плацот за да вадат песок, повторно би им требало дозвола. Зачудувачки е толкав простор, на кој, според сликата, имало место да никнат десетина згради, цела година да биде игнориран од службите.

Кога е човечки живот во прашање, вистината мора да излезе на видело, не смее да се бараат дежурни виновници. Од правен аспект, немало градежно одобрение. Кога има, службата што го издава го известува инспекторот и тој потоа може да почне да ги посетува градилиштата, да утврди дали имаат соодветна табла, одобрение, услови… Чудно е што не реагирал комуналниот инспектор, оти толку шут да се изнесе, а никој да не реагира?“, изјави Гаќев за „Независен весник“.

Во Општина Илинден тврдат дека нивните служби го предупредиле инвеститорот да го затвори просторот, иако немале издадено дозвола за ископување, бидејќи тоа од нив не било ниту побарано.

Секој инвеститор, сопственик на градежна парцела, треба да биде доволно информиран и мора да ги знае процедурите и одговорностите за сите свои активности. Во тој контекст, тие треба да се свесни за сите последици што би произлегле при нереализација, недоволна подготовка и непочитување на прописите. Во случајов, општинските служби имаат преземено дејствија во согласност со нивните надлежности, таму во еден период било заградено местото, а потоа повторно одградено“, потенцира градоначалникот Жика Стојановски.

Пред дупката нема табла иако тоа е законска должност, има слика како би можело да изгледа местото и број од фирма за недвижности, од каде што велат оти тие го нуделе местото на потенцијални инвеститори. И во фирмата што ден по несреќата поставуваше ограда велат дека немаат никаква врска со објектот, а оградата ја поставиле по барање на општината. Според информациите, сопственици на плацот се двајца браќа од Скопје, кои минатата година го откупиле плацот, почнале со градежни активности, но набргу се откажале.

Трагичниот настан во кој загина 13-годишната Елмедина се случи во вторникот околу 14:30 часот. Таа и нејзиното помало братче, како и уште едно другарче, играле во близина на дупката полна со вода. Во еден момент, двете момчиња се лизнале и паднале во водата. Девојчето успеало да ги извади, но живиот песок ја повлекол на дното. Блиските на Елмедина обвинуваат дека полицајците и пожарникарите немале храброст да влезат во водата и да се обидат да ја спасат. Телото од вода го извадиле двајца нејзини братучеди. Речиси е неверојатно како никој не ја предвидел можноста од ваква несреќа бидејќи плацот е опколен со куќи, а дупката е на дофат и полна со водена кал.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски