Не е сѐ исто


Ерол Ризаов

Лажна е, ептен лажна, сликата дека сите медиуми имаат еднаков став и значење за она што ни се случува во изминатата година по парламентарните избори и особено по шесте месеци од промената на власта. Првиот впечаток од медиумската панорама деновиве е дека критиките кон новата власт се со еднаква жестокост и кај пропагандистите на ВМРО-ДПМНЕ, и кај нивните партиски медиуми, и кај професионалните новинари, и кај јавните личности кои храбро со години го разградуваа режимот на Никола Груевски и семејството. Злоупотребите од страна на преостанатите партиски труби, на оправданите критики, станаа лесно лепливи пароли: сите се исти, сѐ е исто, ништо не се менува, сите крадат и сите лажат, ова ли се промените што ги баравме, големо е разочарувањето… сѐ до една опасни димни бомби со солзавец, за да не се видат значајните промени што се случуваат и што допрва ќе се случуваат ако се суди по насоката по која тргна Македонија.
Разликите се немерливи и неспоредливи на период од шест месеци со 11 години тиранија. Не е сѐ исто, многу е поразлично, како што се многу различни и мотивите за критика на власта и злоупотребите на овластувањата, но и реакциите на власта и на јавноста, која почна штедро да ги практикува слободата и демократијата.
Прво, чинам најважно, критиките на власта за направените грешки и злоупотреби паѓаат на плодно тло. Нема прогласување на предавници, непријатели и странски платеници, кодоши… нема драконски казни и тужби за јавни настапи и текстови, туку има признавање на грешките и оставки. Притисокот на јавноста во делот на моралните норми никогаш не бил посилен. Треба да биде уште посилен, да стане страв и трепет за сите што им лепат прстите.
Судовите почнаа да работат според законите. Нема повеќе нарачки, паднаа првите пресуди. Ќе има уште. Повеќе не се попречува работата на специјалното обвинителство од страна на власта. Ако има таква работа, Катица Јанева треба да вресне на сет глас. Почна да работи и редовното јавно обвинителство, ама не во заштита на криминалците, туку спротивно на тоа. Зврлевски повеќе не живее тука. Секоја злоупотреба во правосудниот систем и најмал притисок врз судството ќе биде нова силна експлозија во јавноста. Оправданите критики за почитување на пресумпцијата на невиност и лисиците на раце при апсење на осомничени за настаните на 27 април се навистина ужасна грешка, но не значат дека не треба да сносат одговорност тие луѓе ако ги прекршиле законите. Поточно, најмалку тоа значат. Не може оној крвав пир во Собранието да остане неказнет и да не се открие нарачателот, организаторот и да не се казни тој што беше должен да го спречи обидот за линч и насилно попречување на мнозинството да ја преземе одговорноста за состојбите во државата. Уривањето на уставниот поредок никој не го оправдува освен партиските пропагандисти.
Укажувањата до премиерот Зоран Заев да се врати дома и да обрне повеќе внимание на тоа што му се случува во куќата се добронамерна порака. Сигурно тоа не значи дека Заев треба доброволно да ја прифати изолацијата на Груевски која му ја наметна светот и да не оди нигде, ни кај соседите, и да склучува договори за добрососедство, да не оди во Бугарија, да не оди во Брисел, да не оди во Приштина и во Белград, а уште помалку во Атина, не дај боже во Вашингтон или во Москва. Сосема нешто друго е предупредувањето да внимава кога го фалат и го чукаат по рамо бриселските бирократи. Зад тоа, добро знаат искусните дипломати, секогаш се крие некое мачно побарување. Предупредувањето до Заев да знае за јадец кога го фалат е добра превентива, па дури и да е чукање на отворена врата.
Да, ова се само мал дел од промените што ги бараше слободоумната јавност кои не се безначајни. Сосема нешто друго се големите очекувања промените да се случуваат побрзо. Тоа само кажува колку големи се надежите за успех на новата власт кои, за жал, не одат секогаш паралелно со капацитетот на носителите на власта и нивните способности за побрзи промени.
За тие што сѐ уште проповедаат дека сѐ е исто, дека си замина Мурто за да дојде Курто, еве неколку ептен видливи настани кои бодат очи. Дали слушнавте една критика од страна на партиските медиуми на ВМРО-ДПМНЕ за владеењето на Груевски во изминатите 11 години? Му се плашат од сенката и кога е политички мртов. Го нема во нивните медиуми дури ни тоа за што и самиот признава дека се направени грешки. Слушнавме ли, прочитавме ли макар една изјава во тие медиуми на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ кои не се согласуваат со политиките на Груевски? Тие се под целосна цезура и проскрибирани до трето колено во вмровските медиуми.
Ако премиерот Зоран Заев и неговиот тим по упатените критики ја зајакнат својата самодоверба и ги разберат како поддршка и позитивен притисок за остварување на големите очекувања за целосно ослободување и европеизација на Македонија, тогаш навистина ништо нема да биде исто.
И уште нешто, видливо и разбирливо е чувството на одговорност кај слободоумните критичари на новата власт да успее бидејќи се соучесници во уривањето на режимот.