Нејасно е дали Гинекологија во Чаир ќе се најде под клуч


Директорот на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, Башким Исмаили, повеќе од три години барал да се смени начинот на загревање на болницата. За „Независен весник“, Исмаили вели дека три и пол години раководи со болницата и точно пред толку време со дописи ги информирал Министерството за здравство, Министерството за животна средина и Град Скопје дека болницата се затоплува на мазут, енергент кој екстремно го загадува воздухот. И лани пуштил известување до институциите за начинот на загревање на болницата додавајќи дека преку печките се загрева и водата која е неопходна за родилките, бебињата и здравствените работници. Планот и проектот за целосна замена на печките на мазут со нови котли за гас до Министерството за здравство ги испратил уште лани и сè уште чека да биде објавен тендерот.

„Уште пред три години, кога станав директор, почнав преку дописи да ги информирам Министерството за здравство, Министерството за животна средина и Град Скопје дека болницата се загрева на мазут. И кога министер за здравство беше Никола Тодоров, потоа Арбен Таравари, а лани го известив и министерот Венко Филипче. До институциите минатата година пуштив известување дека болницата се загрева на котел на мазут, а преку тој систем се затоплува и топлата вода. Треба да се реши овој проблем. Лани испратив план и проект до Министерството за здравство, сега чекам од нив да го објават тендерот и да се почне со градба. Во проектот стои дека ќе се стават котли на гас. Претставници од инспекторатот за животна средина во понеделникот беа во болницата. Меѓутоа, уште претходно ние го доставивме писмото, пред да дојдат, дека болницата се загрева со котел на мазут, кој го сервисираме редовно пред секоја грејна сезона. Имаме редовен сервис, но јас се плашам од поголеми хаварии бидејќи нема резервни делови, а системот за греење е од 1965 година, односно откога постои болницата“, вели Исмаили.

Исмаили вели дека во болницата годишно се раѓаат околу 4.000 бебиња, а лани имало 4.132 новороденчиња. Меѓутоа, загрижен е дека со ваква пропаганда, како што вели, околу начинот на загревање и можноста болницата да биде затворена, ќе се намали бројот на раѓања. Додава дека во болницата само во 2018 година се извршиле вкупно 15.872 гинеколошки и акушерски прегледи.

Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ доби рок од 30 дена да го смени начинот на затоплување, а во спротивно ќе биде затворена. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во понеделникот истакна дека градските инспектори за животна средина направиле контрола во болницата откако на социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како од оџаците излегува црн густ чад. Побара надлежните институции да реагираат во рок од 30 дена за да не мора да се преземаат радикалните мерки.

„Инспекторатот досега двапати интервенирал во Гинекологија Чаир. Повторно ќе контролираат инспектори, а болницата и Министерството за здравство ќе добијат последна опомена да го сменат котелот и да преминат на затоплување со поеколошки енергент. Доколку не го почитуваат решението, ќе ја затвориме болницата. Не сакаме да предизвикаме криза, меѓутоа мора секој да одговора на сопствените обврски. Веќе двапати е констатирано дека котелот загадува, имаме дадено известување до директорот на болницата, а по денешната инспекција ќе го испратиме и до министерот за здравство и очекувам дека брзо ќе реагираат“, рече Шилегов.

Зошто се чекало досега да се направи промена на начинот на загревање? Дали може да се запази рокот од 30 дена и да се направи промена на начинот на загревање за да нема затворање на болницата, како што најави градоначалникот Шилегов? Министерот за здравство Венко Филипче за „Независен весник“ вели дека уште лани ја ставиле како приоритет промената на системот на греење во оваа болница и на општите болници во Куманово и Струмица. Проектот за Гинекологијата во Чаир, според него, е готов и оваа година е ставен во планот за јавни набавки што бил усвоен мината недела.

„Започнуваме со тендерската постапка за промена за системот за греење, по што болниците ќе се загреваат на гас. Околната инфраструктура е подготвена за гасификација, но не може да се запази рокот даден од Град Скопје за да се направи промена на системот на загревања во Гинекологија Чаир. Не ми се верува дека оваа грејна сезона ќе заврши промената на системот на загревање во Гинекологијата во Чаир, тој најверојатно ќе биде подготвен па ќе може болницата да се загрева на гас“, подвлече Филипче.

На прашањето дали ќе има продолжување на рокот од 30 дена за болницата да не биде затворена, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов за „Независен весник“ одговори:

„Градот Скопје ниту од Специјалната болница по гинекологија и акушерство ‘Мајка Тереза’ во Чаир ниту од Министерството за здравство не добил документ дека е започната каква било постапка за промена на системот на загревање“, кусо одговори  Шилигов.

Вероника Мароска-Леова