Нема референдумско прашање без ЕУ и НАТО


Членството на Македонија во ЕУ и НАТО во секој случај ќе биде вклучено во референдумското прашање,  најавуваат за „Независен весник“ владини извори пред донесувањетоа на одлуката за распишување на референдумот.  Изјаснувањето со „да“ или “не“ за референдумското прашање би се одржало на 30 септември, освен ако не се создадат некои нови околности што би го пролонгирале процесот за максимум уште една седмица.

Иако првично беше планирано одлуката да биде донесена на собраниска седница во сабота, сега има најави дека тоа веројатно ќе се случи во понеделник, како последен законски термин за референдумот да може да се одржи во последната недела од септември.  За наредните денови се најавуваат консултации меѓу мнозинството и опозицијата  околу деталите што треба да бидат наведени во одлуката за распишување на референдумот. Но, доколку СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се усогласат околу референдумското прашање и карактерот на референдумот, многу веројатно е тој да биде распишан и без најголемата опозициска партија. Притоа, како олеснителна околност се смета тоа што вакви одлуки не одат на потпис кај шефот на државата. На опозицијата, пак, би ѝ бил оставен простор во текот на кампањата да го изрази својот став во врска со референдумот, односно дали ќе ги повика своите поддржувачи на бојкот или на гласање – по сопствено убедување или спротивно од владејачките партии.

Во врска со референдумското прашање, премиерот Зоран Заев ја наведе како можна формулацијата: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“. Според наши информации, во текот на консултациите со опозицијата, владејачките партии се подготвени на одредени модификации на прашањето, но не и на отстапки во однос на укажувањето дека со  договорот со Грција  се деблокираат интеграциските процеси на земјава. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ посакува референдумско прашање кое ќе се однесува исклучиво на договорот за името. (А.М.М.)