Нема реакција од ЕПП за обраќањето на Орбан на митингот на ВМРО-ДПМНЕ


Органите на Европската народна партија, демохристијанската група во Европскиот Парламент, ЕПП, не реагираат на написите на Еурактив за обраќањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан на митингот на опозицијата.

Еурактив утрово објави дека Виктор Орбан го „поткопува“ решението за спорот со името со неговите пораки испратени на митингот на опозицијата, каде тој изјави дека партијата не потклекнува на притисоците на надворешните сили. Порталот смета дека неговите изјави се косат со ставот на другите челници на демохристијанската група.

Извори во ЕПП за МИА велат дека написот на Еурактив е „интерпретација“ и дека пораките на Орбан не се јасно дадени во контекст на преговорите за спорот со името, јавува дописничката на МИА во Брисел.

– Пред вас е голема можност, но морате да бидете успешни во една сложена европска ситуација. Во таква сложена ситуација секаде се потребни храбри и силни лидери. Лидери кои ја сакаат својата татковина, имаат искуство и не колабираат ни под притисок на надворешни сили, изјави Орбан во видео пораката.

Повеќето пратеници во ЕПП остануваат на истиот став околу преговорите за името, како Едвард Кукан, кој од близу ја следи ситуацијата во Македонија.

– Целосно ги поддржувам преговорите помеѓу македонскиот и грчкиот лидер и нивните обиди да пронајдат решение за спорот со името. Се надевам дека ќе донесат заеднички прифатливо решение за овој долгорочен спор. Исто така цврсто верувам дека договорот ќе има поддршка од мнозинството проевропски партии. Ова отвора врата за Македонија во евро-атлантските интеграции и зајакнувањето на добрососедските односи во регионот, изјави Кукан за МИА.

Виктор Орбан е на удар во неговата европска фамилија, а неговите политички одлуки сѐ почесто иритираат во Брисел и во другите европски престолнини. Последната мерка на неговата влада со која на вработените во хуманитарните организации им се заканува затвор доколку им помагаат на мигрантите предизвика бурни политички дебати во Брисел и Стразбур.

Холандската демохристијанска партија бара исклучување на Фидес од ЕПП

Холандската демохристијанска партија ЦДА во саботата побара исклучување на Фидес, партијата на Орбан, од Европската народна партија , најголемата политичка група во ЕУ. Оваа партија, член на ЕПП, усвои резолуција со  која бара Фидес на унгарскиот премиер на Виктор Орбан да биде исклучен од асоцијацијата на европските демохристијани, доколку Будимпешта продолжи со своите политики.

ЦДА бара од ЕПП да одреди „црвени линии“ кои, доколку бидат преминати, би резултирале со привремено исклучување од Фидес.

Холандските демохристијани сметаат дека ЕПП треба да одговори на унгарските политики за човекови права и да побара од Орбан да престане со контроверзни одлуки. Последната одлука која предизвика незадоволство кај многу европски политички лидери е oдлуката да се гонат кривично невладините организации кои им помагаат на бегалците и мигрантите.