Нема кворум за гласање во парламентот


Собранието в четврток, на ново продолжение на 27. седница, треба да гласа за предлог законот за употреба на јазиците, во второ читање, како и за изборот на судии на Уставниот суд, откако на денешната седница парламентарното мнозинство не можеше да обезбеди кворум за гласање.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на седницата констатираше дека е завршен општиот претрес за законот и за изборот на судиите, како и дека нема кворум, по што најави гласање в четврток во 12 часот.

Законодавниот дом треба да гласа за предлозите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу да бидат избрани за судии на Уставниот суд на РМ, на предлог на претседателот Ѓорге Иванов. Тие треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава.

Поради отсуство на предлагачите на останатите предлог закони на 27 седница од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Џафери констатираше дека нема услови да се разгледаат тие точки. Немаше кворум ниту за работа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидиско осигурување, по скратена постапка, кој е на дневен ред на 26. седница, како и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци по скратена постапка, кој е дел од 22-та седница. Во рамки на 22. седница заврши општата расправа за Предлог законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија по скратена постапка, за кој исто така ќе се гласа в четврток.

Ова е прв работен ден на пратениците по новогодишниот одмор.