Нема ВИП-соба за Груевски во Шутка


Управата на затворот во Шутка ќе го прими поранешниот премиер Никола Груевски исто како и сите осуденици што пристигнуваат таму да отслужат затворска казна. Казнено-поправната установа „Скопје“, каде што беше констатиран нехуман и несоодветен третман кон осудениците во речиси сите меѓународни извештаи, е местото каде Груевски би се ресоцијализирал, секако, доколку стигне до затвор. Ова е најголемиот затвор со притворско одделение, но во него има и дел за лица што се осудени до три години, меѓу кои е Груевски, и повратници осудени до шест месеци.

Директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски, вели дека во делот каде што се издржува затворската казна нема ВИП-соби.

„Ние не ги делиме луѓето на ВИП и обични граѓани. Значи, тука сите осудени лица добиваат соодветен, ист третман. Примарна работа на секој затвор е да работи на ресоцијализација на осудените“, вели Котевски.

Хашките соби што затворот ги изгради по барање на ЕУ за потребите на судот во Хаг се наоѓаат во притворското одделение, но Груевски нема да има можност да биде сместен таму бидејќи притворениците не се мешаат со затворениците. Според искуството на тие што биле во затворот, условите во овие соби се далеку попристојни од останатите.

Секое осудено лице што првпат доаѓа во овој затвор треба да помине од три до 15 дена во приемното одделение, во зависност од проценката на службите. Таму се запознаваат со куќниот ред и се прави анализа и проценка каков третман би имале лицата за ресоцијализација, вели директорот на затворот. Потоа се врши класификација, односно се одлучува дали осуденикот ќе биде во затвореното, отвореното или полуотвореното крило. Ако Груевски биде третиран како и сите осуденици, и тој би требало да помине низ овие процедури.

„Условите се тие што се, не се најсјајни, но работиме секојдневно на подобрување, на збогатување на животот и на активностите на затворениците“, вели Котевски. Основен и највисок облик за ресоцијализација е работата, па, како што објаснува директорот, затворениците вршат земјоделски, полјоделски работи, работат во столарска работилница, имаат време за фудбал, кошарка, пинг-понг, шах, а имале и богат фонд на книги.

И новинарот Зоран Божиновски, кој беше во затворот во Шутка, потврдува дека во затворскиот дел нема никакви ВИП-соби. Како што раскажува Божиновски, притворското одделение било реновирано во 2006 година, кога тој започнал штрајк за условите внатре во затворот и кога го објавил затворскиот дневник со фотографии. Врз основа на неговите објави, од Европската Унија испратиле инспекција, по што притворскиот дел бил реновиран соба по соба. Божиновски вели дека сега не знае какви се условите, но вели дека со доаѓањето на новиот директор многу работи во затворот се смениле на подобро.

Крајниот рок до кога Груевски треба да се јави во затворот во Шутка е 8 ноември, но сè уште течат процедурите и тој ги користи сите правни лекови за одложување на затворот.

Груевски бара да не оди во затвор оти пишува книга

Во меѓувреме, Груевски почнал да пишува книга врз основа на докторската дисертација „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“. Ова од адвокатскиот тим го навеле како причина плус за одложување на двегодишната затворска казна на која правосилно е осуден експремиерот за незаконската набавка на луксузниот „мерцедес“.

„Не е вистина дека подготвува нов докторат, одолжувањето е поврзано со развивање на постоечкиот во книга“, велат од адвокатскиот тим за „Независен“.

Поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски, стана доктор на науки во јули. Докторската дисертација, распослана на повеќе од 300 страници, околу еден час ја бранеше пред присутните членови од семејството, професори и новинарски екипи.

Покрај обврските околу докторатот, Груевски бара одложување на затворската казна и поради обврските како пратеник. Овие две причини се дефинирани во една од точките на Законот за извршување санкции: „Ако осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета најдолго за три месеци“. Судија за извршување санкции има три дена да одлучи дали ќе ги прифати причините на Груевски, ако не, тој има право на жалба.

Адвокатите поднесоа барање и до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата и барање за одложување на затворската казна. Во последните пет години Врховниот суд донел вкупно 18 решенија за одложување казна постапувајќи по барања на обвинети. Одлуки со кои не се дозволува одложување на казната има сигурно повеќекратно повеќе, но во такви случаи не се носи посебно решение, туку со одлуката за одбивање по главната работа се наведува дека било одбиено и барањето за одложување на затворската казна.

Арнаудов: И мене ми го одзедоа мандатот без да ме прашаат

Паралелно тече и процедурата за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Комисијата за мандатно-деловнички прашања треба достави предлог-заклучок до Собранието, каде што на пленарна седница ќе расправаат сите пратеници, објаснува претседателот на Комисијата, Павле Богоевски. Тој не кажува точен датум кога ќе ја закаже седницата на Комисијата, но вели дека ќе бидат запазени деловничките рокови. Не коментира дали за ваквата одлука веќе постои обезбедено мнозинство од 80 пратеници.

„Рано е да се зборува за исход на пленарната седница, ние како Комисија ќе си ја завршиме работата која стои пред нас“, вели Богоевски.

Останува неизвесно дали осумтемина пратеници што помогнаа за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени ќе гласаат за одземање на пратеничкиот имунитет на Груевски, кој е нивен поранешен, а сега почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците што се обвинети за упадот во Собрание, а гласаа „за“ се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Крсто Мукоски. За Арнаудов е спорно тоа што Богоевски ја води Комисијата, а истовремено е и сведок на судењето за 27 април.

„И мене ми го одзедоа мандатот и никој ништо не ме праша. Човекот кој ја води седницата директно е инволвиран во овој процес и е претседател на комисија. Сметаме дека Павле Богоевски е засегнат бидејќи беше сведок на судењето, а претседаваше со таа комисија. Нема логика… Да докажеме дека не е така тоа што сакаат да ни го наметнат, па потоа ќе разговараме за другите работи“, рече Арнаудов.

Седницата на Комисијата треба да биде закажана до крајот на неделава, но одземањето на мандатот на Груевски не би му го одложило одењето во затвор.

Фросина Факова-Серафиновиќ