Некој глуми нова „Шарена револуција“


Црна врата и црни ѕидови ги пречекале вработените во општина Аеродром вчера наутро на почетокот на новата работна недела. Дел од вработените кои стигнале први на работното место, околу седум часот, веднаш се јавиле во полиција и пријавиле дека влезната врата и предниот ѕид на објектот биле бојадисани во црна боја.

Од Општината Аеродром информираа дека со црна боја е фрлена само надворешноста на објектот, а вандалите не се обиделе да влезат внатре во општинските простории. Пред зградата има камери, а Општината има ангажирано и чуварска служба.

„Во моментов сите сме на работните места и сè тече вообичаено“, ни изјавија од Општина Аеродром вчера претпладне.

Полицијата извршила увид на местото, а по полициските процедури влезот беше исчистен. Од полицијата не соопштуваат други детали освен дека добиле пријава и дека се преземаат мерки за расчистување во случајот.

Освен Општина Аеродром, викендов била обоена и зградата на Министерството за култура која се наоѓа во центарот на Скопје. Непознати лица истуриле жолта боја на влезната врата и фасадата. Освен жолтата боја на фасадата, со црвени букви е напишано МКД. Случајот во полиција го пријавил вработен во Министерството во петокот вечерта, половина час по полноќ.

Организацијата Млади за Македонија, кои учествуваа на дел од протестите против уставните измени на Фејсбук се пофалија дека истуриле жолта боја на влезот од Министерството, а лево од вратата со црвено ги напишале и буквите МКД.

„Министерството за Култура офарбано во македонските национални бои! Ова е знак дека борбата на македонскиот народ не е завршена, туку борбата сега почнува“, стои во објавата.

На зградата на Министерството за култура сè уште стојат боите што ги фрлаа демонстрантите од „Шарената револуција“ во знак на револт по аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, кој помилува над педесетина политичари. Во тој период, летото 2016 година, беа обоени речиси сите институции, освен Белата палата, седиштето на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Оваа зграда тогаш беше најобезбедуваниот објект, кој го чуваа кордони полицајци и специјалци, така што демонстрантите се обидуваа, но не успеваа да пристапат до него. Црвената боја заврши на луксузната палата во јуни минатата година, по протестот против договорот за името што го потпишаа Македонија и Грција за решавање на деценискиот спорт за името. Во недостиг од информации за вистинските сторители, овој инцидент беше искористен за политички препукувања и негово користење за политичка пропаганда. Министерството за внатрешни работи досега нема излезено со информација кој стои зад овој настан, иако седиштето е обезбедено со многу камери.

Шарените револуционери ги шараа институциите во различни бои, црвена, жолта, сина… Црната боја која заврши врз зградата на Општина Аеродром е нова. „Црнилата“ се препознатлив стил на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно за новиот лидер Христијан Мицкоски. Тој ги користи оваа реторика и симболика, дека неговата партија ја носи искрата која ќе ја донесе зората и ќе ги победи црнилата на власта.

Сторителите на последните вандалски чинови може да се откријат доколку се проверат снимките од камерите на Општина Аеродром и камерите кои се околу зградата на Министерството за култура. Овие инциденти сепак може да останат нерешени и да се искористат единствено за политички реваншизам, особено сега кога почнува да се загрева атмосферата за идните избори.

Фросина Факова – Серафиновиќ