Неизвесно е кога ќе бидат констатирани оставките на ДИК


Неизвесно е дали парламентот ќе ги констатира во петок оставките на шестемина членови на Државната изборна комисија или за тоа ќе се чека некоја нова наредна седница, до крајот на годината.

Иако оставки на функционери што се избрани од Собранието вообичаено се констатираат на прва нова седница, во овој случај, според информациите, треба да се утврди дали спикерот Талат Џафери ја закажал седницата за буџетот во петок пред оставките на членовите на ДИК да стигнат во собранискаат архива. Доколку седницата била закажана пред оставките, тогаш членовите на ДИК же бидат на функциите уште извесно време. Во меѓувреме, тие ќе можат да достават известување до парламентот за тоа кој е следниот кандидат за пратеник на СДСМ во Првата изборна едница, за да биде пополнето испразнетото место на Стево Пендаровски. Ако, пак, оставките бидат констатирани веднаш, тогаш пратеничката група на СДСМ би функционирала со пратеник помалку до изборот на нов соства на ДИК.

Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека ДИК е во оставка, но треба да продолжи да работи додека Собранието не ги констатира оставките.

„Знаете дека има испразнети пратенички места кои треба да бидат пополнети од ДИК. Сите овие работи треба да бидат комплетирани за да можеме правно формално да ги спроведеме процедурите, вклучително и за комплетирањето на Владата“, изјави Заев.

За тоа како ќе ја вклучи опозицијата во процесот на избор на нов состав на ДИК, премиерот истакна дека ќе биде отворена дебата и оти преку дијалог може да се најдат решенија.

„Ќе отвориме дебата и верувам дека постои можност секогаш низ дијалог да се најдат решенија“, рече Заев.