Независните пратеници станаа влада во сенка


Монтираните политички процеси, реформските закони, говорот на омраза, скандалот со прислушуваните материјали, поделбите и недовербата, менаџирање со политичките кризи, конфликтите меѓу навивачките групи, правата на ЛГБТ-заедницата, промените во Кривичниот законик… Ова се само дел од општествените сфери каде што новоформираната парламентарна група за помирување, реформи и интеграција сака да влијае. Основана со цел да се донесе Законот за амнестија за настаните од 27 април и за да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени, власта и опозициските пратеници, кои по исклучувањето од ВМРО-ДПМНЕ станаа независни, најдоа заеднички јазик и за другите закони каде што требаат 80 гласа „за“.

Рамчиловиќ: Не баравме плус привилегии

Но општиот впечаток е оти се претера и со помирувањето, па сега се оди во други крајности. Капак на сè беше контроверзното барање од пред некој ден со кое на пратениците, по истекот на мандатот во законодавниот дом, би им се дало предност при вработувањето во јавната администрација. Предлог-законот што јавно го обзнани Реџаил Исмаили од ДУИ, кој е претседавач на работната група за реформи, тврдејќи дека и независните имале замешано прсти во тоа, беше дочекан со гневни реакции од медиумите и од граѓаните, поради што сега сите се обидуваат да ги исчистат рацете.

Ние како пратеничка група ниту сме иницирале ниту, пак, сме подготвувале каков било предлог-закон за пратеници. Фокусирани сме целиот период на чекори кои водат кон помирувањето, дополнително подобрување на решенијата за уставни промени и секако на реформските закони, а ова не го сметаме за потребна реформа во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и НАТО“, ни изјави вчера Зекир Рамчиловиќ од независната пратеничка група.

Поврзани или не со спорниот закон, кој по револтот од јавноста, според нашите информации, експресно ќе биде одбиен од владејачкото мнозинство, аналитичарите предупредуваат дека играта со попуштања започнала, поради што тешко ќе може да се излезе од неа. Моќта што им ја даваат осумте клучни гласа за ратификација на договорот за името со Грција им е огромен аргумент на независните да протуркаат и работи што паралелно би оделе со амнестијата, од која директна корист ќе имаат „само“ тројца од осумте одметнати од коалицијата „За подобра Македонија“.

Поранешниот пратеник Горан Минчев на СДСМ симболично потсетува дека вчера беше 24 декември, денот кога пред шест години се случи насилството во Собранието и грубото бркање на опозициските пратеници за да се донесе буџетот за наредната година. Тој ден го смета за почеток на падот на поранешната власт и на Никола Груевски. Не се согласува со дел од политиките на актуелната власт, а со Законот за амнестија апсолутно никако.

Двотретинска поддршка ќе треба и за други закони

Не смееше да има каков било Закон за амнестија, затоа што таа сама по себе е дел од пазар за обезбедување двотретинско мнозинство. Таквиот начин на амнестија, кој по форма е делумен, за мене подразбира како некој да подметнал мина, при што загинале војници, но виновен е тој што нарачал, а не тој што ја подметнал. За мене лично, подметнувачите на мината се оние што ги отворија вратите во парламентот. Таквата ретардирана амнестија предизвикува владата да се најде во незавидна позиција, а осумтемина што обезбедија двотретинско мнозинство да бидат во исклучително пријатна ситуација, па дури и да имаат водечка улога во процесите. Наеднаш, од обвинети за тероризам и за државен удар, стануваат прозападно ориентирани, а всушност се ‘пилјари’ што се борат сами за себе“, директен е Минчев.

Според него, тој што тргува со овие пратеници и тој што го оправдува овој чин како нужно зло за да се постигне поголема цел, ЕУ и НАТО, секогаш ќе биде уценуван дека нема да има договор за каков било закон доколку не биде исполнето тоа што се бара од нив.

Тоа е целосно неоправдано. Се руши правниот систем и повеќе не важи начелото за еднаквост на граѓаните што, пак, доведува до она: ‘нема правда – нема мир’“, заклучува поранешниот пратеник на СДСМ.

Пратеничката Фросина Ташевска-Ременски, која е копретседателка на собраниското Координативно тело за помирување, смирено реагира на констатацијата дека независните ѝ ја зеле работата на владата.

Секој од пратениците може да поднесе барање или иницијатива за каков било закон, амандман или решение, но тоа не значи дека ќе биде прифатено“, ни изјави Ременски.

Иницијативите во работните подгрупи завршуваат во Интерпарламентарната група за интеграција, реформи и помирување. Тие си зацртаа дека предмет на нивниот интерес ќе бидат и повеќе законски решенија меѓу кои Законот за судови, Законот за Судскиот совет, Законот за кривична постапка, Законот за медиуми, Закон за спречување на корупција, Законот за прекршоци, Законот за управни спорови, Законот за Совет на јавни обвинители, Законот за Специјалното јавно обвинителство, Законот за слободен пристап на информации од слободен карактер… За голем дел од нив ќе биде потребна двотретинска поддршка.

Горан Адамовски