Jавноста за прв пат ќе слушне исказ на заштитен сведок


На 11 јули идната недела јавноста ќе го слушне исказот на заштитениот сведок во случајот „Монструм“.

Иако првично судијата Огнен Ставрев рече дека јавноста ќе биде исклучена, сепак со оглед на тоа дека јавната обвинителка Фатиме Фетаи и одбраната не се противат јавноста да присуствува, исказот ќе биде јавен, а секако идентитетот на сведокот заштитен.

Според Фетаи неговиот исказ треба да се третира како и сите други, а неговиот идентитет не го знаат ниту судиите, ниту обвинетилите, ниту одбраната.
„Се ќе биде јавно во интерес на вистината“, рече Ставрев.

Родителите на убиените деца побараа јавно да бидат доставени и транскриптите од разговорите кои претходно беа државна тајна.
Денешното рочиште се одложи поради технички причини, а за идната недела судот ќе се подготви технички, гласот на сведокот да биде мутиран.

За прв пат во судовите ќе биде воведена пракса јавноста да слушне исказ на заштитен сведок, иако пред неколку години речиси во секој случај еден од доказите во постапката беше исказ на заштитен сведок. (Ф.Ф.С.)