На физичко ќе се плива во школски базен


Агенцијата за млади и спорт сака да гради 14 затворени базени во училишта низ целата земја. Во нив ќе се одржуваат часови по физичко образование, а ќе има и школи за пливање за основците. Попладне овие базени би требало да се издаваат во комерцијални цели, за рекреација на локалното население, со што треба да се обезбеди и нивна одржливост. Пет од базените ќе се градат во Скопје, во општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Аеродром и Кисела Вода, а преостанатите во Штип, Битола, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Тетово и Гостивар. Струга веќе има базен и тој ќе биде реконструиран.

Во моментов Агенцијата бара идејно решение како би изгледале затворените базени. Решенијата ќе се искористат да се направи основен проект, од кој ќе зависи и цената на изградба, како и вкупниот буџет кој ќе треба да се потроши за оваа намена. На јавниот повик на Бирото за јавни набавки се бара проектирање на објект што ќе може да се вклопи во училишни дворови или во веќе постојни спортски комплекси, димензиониран да ги задоволува потребите на една општина.

Во повикот се бара базенот да има должина од 25, ширина од 8,80 и длабина од 0,8 до 1,4 метри, а директорот на Агенцијата, Дарко Каевски, вели дека може да се зголеми на димензии од 0,9 метри ширина и 1,8 метри длабочина. За грижата и одржувањето на базените ќе треба да бидат задолжени општините. Поради тоа се предвидува тие да се издаваат по 15 часот и на тој начин да бидат рентабилни.

„Веруваме дека базените ќе бидат атрактивна содржина и за децата и за возрасните, дури и ако бидат поплитки. Пред сè, ќе имаат едукативна функција, децата да научат да пливаат во рамките на часовите по физичко и да создадат здрави навики. Ќе обезбедиме топли премини до училниците за да можат да се користат цела зима“, посочува Каевски.

Во базенот ќе се одржува настава по пливање за ученици, обука за непливачи, тренинзи и натпревари во водени спортови. Првенствената намена на базенот ќе биде за мали деца-непливачи, но мора да има и услови за тренинзи и на поголеми деца со напредни пливачки способности. Исто така, од проектантот се бара да предвиди услови во базенот за рекреација на локалното население од сите старосни возрасти.

Според барањата во тендерот, решението треба да понуди типски објект што ќе одговара и ќе може да се изведе на повеќе локации, како и тематски да се вклопува во околината со веќе постојни објекти. Според Агенцијата, во огласот објавен на Бирото за јавни набавки, до 10 август се очекуваат понуди за идејни решенија, од кои ќе бидат наградени и откупени авторските права на најдобрите три. Од нив потоа ќе се прави основен проект за новиот базен.

Сања Наумовска