Судот му го укинал притворот на Мијалков за „Таргет – тврдина“ и му одредил за „Империја“


Судот му го укина притворот на Сашо Мијалков за предметот „Таргет-Тврдина“ и му определил 30-дневен притвор за предметот познат како „Империја“, информираат од Основниот суд Скопје 1-Скопје.

„Претходно определениот притвор на лицето С.М. му е укинат со решение на Судот, а по предлог на надлежното Обвинителство во предметот познат во јавноста како „Империја“, судија на претходна постапка го прифати предлогот и му определи 30-дневен притвор заради постоење на основите од член 165, став 1 точка 1 и 2, односно опасност од бегство и основи кои укажуваат на влијание врз сведоци, информираат од Основниот суд за МИА.

Истрагата „Империја“ е против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Во притвор веќе се Јордан Камчев, Цветан Панделевски, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска, Тодор Мирчевски.