На кејот на Вардар трка за поддршка на заболените од Вилсон


На кејот на Вардар кај мостот кај Луна паркот денеска ќе се одржи хуманитарна штафетна трка „Подај рака 2018“ за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон.

Собраните средства од котизацијата, оваа година ќе бидат искористени за запознавање на матичните лекари со можните симптоми и начините за рано откривање на болеста, што ќе се спроведе со карван низ повеќе градови.

Трката, која се одржува по четврти пат, е во организација на Здружението на граѓани за поддршка на лица со оваа ретка болест – Вилсон Македонија, а со финансиска помош од компанијата ОКТА. Од Здружението Вилсон Македонија велат дека раната детекција е суштинска во третирањето на болеста и во обезбедување нормален живот за пациентите.

Во трката ќе учествуваат и лица заболени од Вилсон и од други ретки болести со што симболично ќе се покаже дека кога дијагностиката и терапијата се навремено аплицирани, со најголемиот број ретки болести, може да се живее нормален живот, рамноправен со сите луѓе.

– Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка и на сите лица кај кои најчесто, како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со нив, велат од Вилсон Македонија.

Трката како и досега ќе биде штафетна и ќе се трчаат четири пати по еден километар, а ќе има и детска трка бидејќи е многу важно и најмладите да се запознаат. Котизацијата за учество во трката е 150 денари. Заинтересираните кои не се во можност да трчаат, а сакаат да дадат поддршка може да изберат индивидуален пакет Маица + Активна поддршка по цена од 150 денари.

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми.