Најтопло во Гевгелија, пороен дожд и грмежи во североисточниот регион


Највисока температура во Македонија денеска е измерена во Гевгелија, 35 степени, по што следат Демир Капија со 33 и Струмица и Виница со 32, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Попладне беше нестабилно во регионот на Крива Паланка, Кратово, Македонска Каменица и Пробиштип, како и валандовско и западно од Гевгелија и во планинскиот дел, каде имаше пороен дожд и грмежи. Формирана е линија на нестабилност која се протегаше од Крива Паланка, Македонска Каменица, западно од Делчево и југозападно од Берово, и во оваа облачна маса имаше и поинтензивни облачни јадра кои даваа пообилен пороен дожд и грмежи. Облачната маса се движеше кон централните делови од земјава.
До крајот на денот и во вечерните часови ќе се задржи сончево време со умерена облачност, а на повеќе места во источните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има и пообилен краткотраен пороен дожд во планинските предели. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Во текот на ноќта ќе настапи стабилизирање на времето и ќе преовладува умерено облачно време со слаб до умерен северен ветер.

УХМР за утре најавува променливо облачно  време со сончеви периоди, околу пладне и попладне  со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен северен ветер, особено вдолж Повардарието. УВ индексот ќе изнесува седм, минималните температури од 14 до 22, а дневната највисока температура ќе се движи  во интервалот од  27 до 34 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно  со сончеви периоди, попладне  со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен северен ветер. Температурите од 20 до 33 степени.

Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно и нестабилно време, на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Дневните температури ќе бидат околу или малку под просечните за овој период од годината. Извесно стабилизирање на времето се очекува за време на престојниот викенд