НАТО се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ сака членство


НАТО почнува да се сомнева дека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ навистина сака членство на Македонија во НАТО и Европската унија.

„Она што сите треба да го прашате ВМРО-ДПМНЕ е дали се се уште за членство во ЕУ и НАТО. Од наша перспектива имплементацијата на Преспанскиот договор е единствен начин да се оди напред. Добро, нека велат Преспанскиот договор е мртов, но кој е патот земјата да оди напред? Ова прашање ќе им го поставиме наредните недели“, порача висок претставник на алијансата најавувајќи продолжување на претпристапните преговори со Македонија.

Според него, лесно е да се рече не, но потешкото прашање е кои се алтернативите за Македoнија. Тој ја отфрли сепак можноста НАТО да биде инволвиран во внатрешната расправа.

„Не е наша работа да бидеме вклучени во внатрешните дискусии. Ако луѓето речат дека не го сакаат Преспанскиот договор, тогаш ние ќе ја прифатиме таа одлука. Саатот отчукува. Го немаме целото време на светот. Ние гледаме што е најдобро за иднината на земјата . Не гледаме друг пат, не знаеме и можеме да шпекулираме што ќе направи идната грчка влада, но знаеме дека ова е договор што го чекавме 25 години, а големите промени на Балканот не се случуваат лесно“, порача овој функционер на алијансата.

Тој притоа посочи на изјавата на германската сестринска партија на ВМРО ДПМНЕ, ЦДУ, дека треба да го прифати договорот бидејќи е во најдобар интерес на земјата. Според него план Б за Македонија нема, дека постигнатиот договор е најдобриот што е на маса и навистина веруваат дека сите политички актери во земјата ќе ја видат можноста . „Навистина е сега или никогаш“, порача овој функционер.

За да покаже од каде ги црпи аргументите, наспроти тврдењата од ВМРО ДПМНЕ дека референдумот не успеал, тој посочи дека референдумот беше консултативен и тој не е дел од Преспанскиот договор туку уставните промени.

„Нема да запреме на оваа точка бидејќи се уште гледаме можност договорот да биде имплементиран. Претпристапните преговори ќе продолжат и натаму“, рече тој, најавувајќи дека на 18 и 19 октомври експерти од Македонија од неколку министерства ќе дојдат во Брисел на дводневни интензивни преговори во три сфери – владеењето на правото, реформите во безбедносниот сектор и реформите во одбраната.

Слободанка Јовановска

Наш известувач од Брисел