НАСА потврди дека роверот „Опортунити“ ја заврши мисијата на Марс


Роверот „Опортунити“ престана со работа, и официјално ја заврши мисијата на Марс, соопшти НАСА.
„Опортунити“ пристигна на Црвената планета во 2004 година и во текот на 15 години функционирање прати многу важни податоци назад на Земјата.
Роверот помина 45 километри по површината на Марс што е апсолутен рекордер, а едно од најважните откритија до кое дојдоа научниците на НАСА со помош на „Опортунити“ е она дека на Црвената планета некогаш течела вода, што значи дека некогаш на неа може да постоел живот.
„Опортунити“ последен пат се јави на 10 јуни минатата година пред големата песочна бура која во потполност ги прекри сончевите панели, и на тој начин роверот остана без напојувања.
Научниците на НАСА од тој ден наваму се обидоа повеќе од илјада пати да стапи во контакт со роверот, но безуспешно, а сега официјално објавија дека мисијата на „Опортунити“ на Марс, која првобитно беше планирана само за три месеци, е завршена.