Над 700 хуманитарци и донатори на Европски самит на Лајонс во Скопје


Македонија, од 25 до 27 октомври, ќе биде домаќин на над 700 хуманитарци, донатори, поддржувачи на хумани акции, членови на Лајонс – клубовите од Европа. Домаќин и организатор на големиот настан е Лајонс Дистрикт 132 Македонија.
Европскиот форум на лајонсите годинава ќе се одржи во Скопје, во објектот на Македонската филхармонија. Мотото на 64. Европа форум е „Свесност и eмпатија“ (Awareness and Empathy). На секој форум државата домаќин ја одредува темата на форумот. Во програмата посебно внимание е посветено на одбележувањето на 70 -годишнината од формирањето на првите Лајонс клубови во Европа, 50 годишнината од формирањето на фондацијата на Lions Clubs International, а за Скопје е предвидена посебна пленарна сесија со наслов „Скопје-55 години град на светската солидарност и родно место на Света Мајка Тереза“.
Во програмата ќе има 60 сесии на различни теми, соработката на лајонсите во заедничко помагање на ранливите категории, соработка на лајонсите од балканските држави, можност за збратимување на клубовите, меѓународна соработка на лајонсите од Европа со лајонсите од Азија и Африка, соработката со Обединетите Нации, улогата во справување со актуелната мигрантска криза во Европа. Во програмата е вклучена Lions Quest – програма за грижа за младите, правилно насочување и развој, заштита на децата од улица, борба со рак кај децата, значењето на почитување на идентитетот, инклузивноста, толеранцијата и кохезијата помеѓу луѓето и улогата на лајонсите во тој процес во секоја земја и во светот во целина, улогата во помош на децата од сите ранливи категории, борба протиv дијабетесот, улогата на кучиња водичи за слепи и можноста за обезбедување на таква помош за слепите во Република Македонија, искуствата на вклученоста на лајонсите во помагање и на лицата со Алцхајмерова болест и нивните семејства.
Во рамки на Европа Форум има и посебен натпревар за избор на најдобар млад музичар и млад амбасадор. Изборот на млад музичар се врши секоја година на различен инструмент, а организаторите за годинава го избрале инструментот флејта, како најблизок до традиционалниот кавал и како инструмент кој најдобро ја отсликува ономатопејата на човечкиот говор. На натпреварот ќе учествуваат претставници на 17 држави. Во изборот на млад амбасадор критериум се вклученоста на младите во проекти поврзани со различни хуманитарни активности.