Над 150 деца од семејства во социјален ризик од Куманово заминаа на бесплатно летување во Струга


Вкупно 153 деца од семејства во социјален ризик и корисници на посебен додаток од Куманово денеска заминаа на бесплатно летување во детското одморалиште „Мајски цвет“ во Струга.

Од Кумановскиот центар за социјални работи информираат дека на одмор заминале 68 корисници на родителски додаток за трето дете, 46 корисници на посебен додаток кои се во придружба на своите родители-старатели, пет корисници на детски додаток, шест дечиња без родители и родителска грижа, 26 дечиња од семејства корисници на социјална парична помош и две од семејства корисници на постојана парична помош.

– Сите деца се пристигнати и сместени во детското одморалиште „Мајски цвет“ во Струга, изјави директорката на Центарот за социјални работи, Александра Арсовска.

Корисниците на овој проект добиваат шест полни пансиони и бесплатен превоз.

Летувањето се реализира во рамки на проектот на Министерството за труд и социјална политика за користење на бесплатен одмор и рекреација за деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток.