Над 10 години затвор за напаѓачите на Села


Седуммината обвинети за нападот врз пратеникот Зијадин Села што се случи на 27 април минатата година во Собранието, добија над десет години затвор.

Највисока затворска казна од 13 години шест месеци доби обвинетиот Никола Војминовски. По 13 години добија обвинетите Кире Георгиевски и Александар Јаневски Тошта.

Андреј Мицов, Коста Делов, Оливер Ошавковски и Николче Димитриевски се осудени на 10 години и шест месеци затвор. Судечкиот совет донесе решение сите обвинети до правосилноста на пресудата да бидат во притвор, петмина во затворот во Шутка, а Никола Војминовски и Александар Јаневски Тошта во куќен притвор.

Според образложението на пресудата, сите обвинети учествувале во крвничкото претепување на пратеникот во законодавниот дом. Го гаѓале со клоци и тупаници, со држач за камера, со подлога од фотелја и со други предмети, се додека не паднал во бессознание и мислеле дека е мртов.

Првично за нападот врз пратеникот беа обвинети десет лица, но со новата снимка што ја приложи како доказ обвинителството, ослободен беше еден од обвинетите, а за двајца беше преквалификувано делото во поблаго дело, односно беше утврдено дека не го учествувале во нападот на Села, но сепак напаѓале пратеници во Собранието.

На „крвавиот четврток“ што се случи во Собранието беа нападнати пратеници, новинари и обезбедувачи, но пратеникот Зијади Села едвај остана жив. За упадот во собраниеот веќе е поднесено обвинение против триесетина лица и закажано судење за на 22 август. За нарачателот  на упадот се уште нема обвинение.