Мурињо со свој став: Мбапе вреди повеќе од Меси, Роналдо, Нејмар…
Реал Мадрид вршеше пресинг, се споменуваше Јувентус, англиските клубови се платежно моќни, но никој нема толку пари, трпение или преговарачки моќи за да го одведе Килијан Мбапе од „Паркот на принцовите“.
Барем така смета Жозе Мурињо, карактеризирајќи го крилниот напаѓач на ПСЖ како највредната роба на светскиот фудбалски пазар и им порача на сите заинтересирани страни воопшто да не се обидуваат да го доведат францускиот репрезентативец, бидејќи одговорот на катарските сопственици секако ќе биде не. Особено што ни на „Светците“ не им е во интерес таков играч, во кој вложија 180.000.000 евра, да го загубат и директно да им го препуштат на конкурентите во борбата за трофејот од Лигата на шампионите кој ќе им биде опсесија и следните сезони.
„Не велам дека во овој момент е најдобар на светот, но според мојата оценка, станува збор за еден од највредните фудбалери на пазарот. Ако сум тренер или раководител на некој клуб, не би ни помислувал да го ангажирам, бидејќи тој не може да се купи. Надвор од домет е. Ако некој сака да го доведе, нека му е со среќа“. порача Мурињо за француските медиуми, опишувајќи го Мбапе.
Некогашниот играч на Монако лани ја освои светската шампионска титула, а потоа продолжи да се развива на клупски план и во оваа сезона постигна 26 гола на 23 првенствени натпревари.
„Момчето е неверојатно. Ако ги споредиме неговите и годините на останатите големи ѕвезди, ќе видиме дека Роналдо и Меси надминаа 30, Нејмар има 27, а Килијан има само 20. Затоа на пазарот и прашањето на годините е еден од пресудните фактори. Поради тоа сметам дека е највреден играч на планетата“.
Загледан во иднината, португалскиот стручњак е јасен:
„Нема потреба да зборуваме каде ќе биде за пет или десет години. Погледнете каде е тој веќе сега, што направи и се ќе ви биде јасно. Апсолутно неверојатен“.