Мурали насликани на фасади во Струга


Фасадата на влезот од основното училиште „Јосип Броз Тито“ доби нов лик, шарена со два мурали насликани од познати македонски уметници во рамките на првиот фестивал на муралот „Мурал фест Струга“ што од петокот до денеска се одржува во Струга.

Уметниците својата креативност ја изразуваат на повеќе локации низ градот вклучувајќи јавни и приватни објекти, како и фасади од стариот дел на градот.

Настанот беше позитивно прифатен од стружани. Локалното население дава поддршка, за како што велат, веселата слика на Струга.

Ликовниот уметникот и професионален фотограф, Кристина Затуровска, која е и организатор на Фестивалот заедно со здружението „Силинг арт“ од Гостивар, посочи дека со ваквите активности сакаат Струга да стане модерен град со побогата туристичка понуда.
– Фестивалот привлече големо внимание пред се кај локалното население. Со муралите даваме нов лик на градот. Од викендов туристичката понуда на Струга е зголемена со шарени фасади на дел од објектите во центарот. Фасадите на некои јавни објекти со години не беа променети, па ова доаѓа како одлично освежување, истакна Затуровска.

Уметниците, како што нагласи, посебно ја чекаат реакцијата на учениците, кога ќе ја видат новата фасада на училиштето, која со воодушевување е прифатена од минувачите.

Во рамките на фестивалот денеска во Паркот на поезијата се одржа детска работилница за цртање пропратена со забава и музика, а најдобиот цртеж ќе биде насликан како мурал и ќе краси некоја фасада во градот.

За следната година Затуроска најави недела на уметноста, која би се одржала на почетокот на летната туристичка сезона, а Фестивалот на муралите да се одржува заедно со традиционалниот Арт симпозиум.

„Мурал фест Струга“ е дел од проектот „Нов културен бран“, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија