Мукоски смета дека ја заслужил амнестијата


Денеска и утре се последните два дена за поднесување барање за амнестија за крвавите случувања од ланскиот 27 април. Се очекува најмалку дваесетина од вкупно 33 обвинети да побараа милост од Кривичниот совет сметајќи дека ем влегуваат во законските одредби ем заслужуваат да бидат амнестирани. Барањата до скопскиот Кривичен суд се доставуваат лично или по пошта.

Меѓу првите што побараа амнестија е пратеникот Крсто Мукоски, обвинет дека ги отворил вратите во Собранието по што почна хаосот во законодавниот дом. Покрај него, слично барање упатија и Горан Ангелов-Ќосето и Иван Цветановски, додека Јане Ченто и Игор Југ се изјаснија дека не сакаат милост, туку правда. Другите пратеници тактизираат, но со стопроцентна сигурност се тврди дека и Сашо Василевски и Љубен Арнаудов ќе го следат примерот на Мукоски, имајќи предвид дека тројцата во последен момент се премислија и гласаа за уставните измени, по што за возврат добија спас од правдата. Се очекува и Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски да побараат милост, имајќи предвид дека и опозицијата гласаше за селективна амнестија.

Законот за амнестија во четвртокот вечерта беше објавен во „Службен весник“ откако на него стави потпис претседателот Ѓорѓе Иванов. Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.

Секој од обвинетите за 27 април има право да поднесе барање за амнестија, ако смета дека ги исполнува условите пропишани со Законот. Осомничените, обвинетите или осудените сами ќе треба да побараат амнестија во рок од пет дена, односно до вторник, а Судот и Обвинителството ќе имаат рок, исто така, од пет дена за да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Критиките во јавноста не стивнуваат, па така Зоран Нечев од Институтот за демократија вели дека донесувањето на Законот е исклучиво во насока на имплементирање на Преспанскиот договор.

Секоја друга природа на самиот Закон не треба да ја разгледуваме бидејќи точно се знае зошто е носи. Доколку тоа се става под банерот на помирување, мислам дека е грешна насоката во која се движи владата бидејќи со ова директно се подрива владеењето на правото, а тоа е еден од клучните критериуми што земјите членки на ЕУ ѝ го дадоа на Македонија на министерскиот совет во јуни“, изјави Нечев во неделното интервју за радио „Слободна Европа“.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Собрание по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија. 

Фото: Б. Грданоски