„Мој воздух“ со објаснување за мерната станица во Ѓорче Петров


Поради денешната забуна за станицата во Ѓорче Петров кога беше измерено енормно загадување од 1999 ПМ честици во воздухот, изворот на податоци „МојВоздух“ објави појаснување на својата Фејсбук страна.

Го пренесуваме во целост:

„МојВоздух има (засега) 2 извори на податоци:

1) Мерните станици под Министерството за животна средина и просторно планирање
2) Мерните станици од проектот Skopje Pulse.

Првите се дел од државната мрежа, и нивните податоци се официјално користени од институциите, ЕУ, како и другите апликации за загадување.

Вторите се дел од волонтерска мрежа, поставени и управувани од волонтери. Тие се стремат да ја зголемат покриеноста на мерењата во рамките на Скопје, како и да мерат дополнителни податоци (пример бука).

Начинот како може да ги разликувате едните од другите е по нивното име. Станиците што се дел од волонтерската Skopje Pulse мрежа, во името содржат “(Pulse)” (пример е станицата во Ѓорче Петров). Останатите што немаат таков дел во името, се во склоп на државната мрежа под министерството“.

Мерните инструменти на апликацијата “Мој Воздух”, преку која може да се информираме за квалитетот на воздухот во нашата земја, утрово покажуваа енормна загаденост на воздухот во скопската општина Ѓорче Петров.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги демантираше ваквите информации, со образложение дека во оваа општина воопшто и нема поставено мерна станица.

За разлика од утринските часови, попладнево апликацијата “Мој Воздух” покажуваше поинакви резултати.