Моторџиите не сакаат да плаќаат паркинг


Моторџиите излегоа на мирен протест пред бараките на Градското собрание, незадоволни од најавата на градоначалникот Петре Шилегов дека ќе наплаќа за  паркирањето на мотоцикли. Нагласија дека за нив е неприфатлива таквата давачка , бидејќи таква пракса нема ниту во еден европски град.

„Честопати се случува непознати луѓе да се качуваат на моторите, да направат штета, огромена е бројката на украдени мотори и заради тоа моторџиите сакаат  моторот да им е блиску до нив, пред се одобезбедносен аспект. Мислам дека работиве ќе се усогласат, бидејќи имаме аргументи и за идејата на градоначалникот, да си ја реализира како што си ја замислил, и за моторџиите кои не треба да се предмет, зошто оставиле мотор на ова или она место. Од искуство кажувам, никаде немаме проблем со моторите, цела Европа ја имам прошетано со мотор и немаме  проблем било каде  да го паркираме моторот. Никаде не сме плаќале паркинг за моторите и ги оставаме на обележани паркинг површини, блиску до местото каде што се наоѓаме, или ги оставаме на безбедно.  На поминати илјадници километри со мотор, а досега  возам  25 години, никаде не сум платил паркинг ниту пак казна за погрешно паркирање. Возењето на мотор во градски средини е пожелно, затоа може да е на некој начин привелигирано или субвенционирано, затоа што со него се прави помалку метеж  во сообраќајот, помалку се загадува, помал простор за паркирање зафаќа. Би требало одлуките на градот да се со поголем  стимул, повеќе да се користат моторите„ рече претседателот на мото клубот „Ноќни волци“, Ленин Јовановски.

Градоначалникот Шилегов  ги повика монорџиите во општината, каде што им го претстави планот и им рече дека  идејата во првата година е да се означат места за паркирање на мотори и мотоцикли на постојните паркинг зони во градот и на почетокот услугата да биде бесплатна. Наплатата на паркингот за  моторите ќе почне од следната година. Идејата за наплата  на паркинг место за мотори дошла откако градоначалникот примил околу 300 јавувања од граѓани кои се пожалиле за проблеми со моторите.

„ Паркирањето на мотор за еден час да биде од 5 до 7 денари. Паркирањето на моторите кои се под 50 кубни сантиметри зафатнина, ќе биде бесплатно“, нагласи Шилегов

За надминување на разликите претставниците на неколкуте мото клубови  кои излегоа на протест со градоначалниот Шилегов се  согласија да формираат работна група од пет члена која ќе дискутира и ќе утврди одлуки што ќе бидат во насока на регулирање на оваа област,на  зголемување на безбедноста и на регулирање на сообраќајот, како и заштита на интересите на граѓаните во Скопје.

„Ниту една одлука Градот Скопје нема да ја донесе нагло, истата ќе биде базирана на повеќе анализи и компарации“, потенцираше Шилегов.Општината се огласи и преку соопштение во кое се најави дека заедничката група со работа почнува од понеделник.

Вероника Мароска-Леова