Монструм: Немојте да ги заборавате солзите на децата, тие не ги забораваат одговорните


Немојте да ги заборавате солзите на децата, затоа што тие не ги забораваат сите одговорни, му порача на судот, мајката не едно од убиените момчиња кај Смилковското езер, откако судот го одложи денешното рочиште бидејќи вториот судија што го води овој случај, Осман Шабани, се разболел.
Родителите и роднините на четирите момчиња и рибарот кои беа изрешетени пред шест години бурно реагираа во суницата кога судијата во овој случај Огнен Ставрев ги извести дека денеска нема да биде сослушан заштитениот сведок, како што беше предвидено бидејќи неговиот колега се разболел.

„Во последен момент добив известување дека мојот колега од вчера попладне е на боледување и не може да присуствува на денешното рочиште. Се надевам дека за следното закажано рочиште во август ќе се создадат услови за да работиме“, рече судијата Ставрев.
„До кога судии со вакви игри?, „Си играте мајтап со нас“, негодуваа родителите.

„И претходниот судија Ивица Стефановски на минатото судење го легнаа болен на сред лето, сега и овој новиот. Ова е така договорено, Вие и обвинителката ни ја ветивте вистината, ама има еден центар што го контролира судот. Минатите судии ги правеа истите тактики, го одложуваа. И судијата е од ДУИ“, рече Горен Наќевски, татко на убиениот Александар.

Тој побара судот да ги сослуша мајкиоте на децата за да кажат јавно како премиерот Зоран Заев пред икона ги лажел дека ќе открие кои се тие функционери кои стојат позади ова.

Побара од судот да им ги достави и транскриптите од разговорите на петмината функционери на ДУИ и пораките кои ги разменувале со обвинетите. „Ние ги знаеме кои се тие. Сеаг Заев се прави луд“, рече Наќевски.

Судијата Ставрев ги уверуваше родителите дека нема никакви игри, дека тој воопшто немал никаков контакт со премиерот. „Колегата се разболе, тоа е виша сила“, рече Ставрев.

Родителите на убиените го прашаа судијата и до каде е екстрадиционата постапка за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, а судијата ги извести косовските власти не ги даваат двајцата бегалци. „Тоа не е така едноставно и со последното писмо кое било испратено вчера, кривичниот суд бил известен дека овие две лица не се достапни на македонските органи на прогон“, рече судијата.

Правниот застапник на семејствата, Дафинка Ивановска вели дека не е фер да се одлагаат рочиштата во последен момент, особено рочишта кои родителите ги чекат со нетрпение.

„Не можеме да коментираме, сепак болест си е болест, меѓутоа едно знам, дека сепак ова е голем удар за родителите и за целата јавност. Сметам дека не е ова игра, сметам дека навистина се случилио тоа, меѓутоа не е фер и не е во ред вака „пет до 12“ да се одлагаат сите рочиште кои со нетрпение ги чекаме сите ние. Сметам дека ова нема веќе да се повтори“, изјави Ивановска.

Родителите побараа наредното рочиште да биде закажано набргу, но судијата рече дека мора да го закаже по судската ферија, која почнува од 15 јули и трае до 15 август, бидејќи предметот не е притворски, односно никој од обвинетите не е во притвор.

За петкратното убиство во овој случај кој беше наречен „Мострум“, доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање цврсти докази за утврдување вина.

Врховниот суд во ноември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
На 19 февруари годинава судењето кое еднаш заврши со доживотни казни за обвинетите се отвори одново пред нови судии.

На 21 март годинава предметот отиде во рацете на Специјалното јавно обвинителство, а судењето за убиството од пред шест години повторно стартуваше од почеток пред нови обвинители на 17 април годинава.

Денеска требаше исказ пред јавноста да даде заштитениот сведок, чиј исказ за прв пат требаше да го слушнат и новинарите, но рочиштето се одложи за на 22 август. (Ф.Ф.С.)